Голем број деца во Охајо се хоспитализирани поради проблеми со белите дробови. Ова е првата американска држава што пријави епидемија како онаа во Кина.
Здравствените власти во округот Ворен велат дека од август имало 142 случаи на „синдром на бели бели дробови“.
„Ова не само што е над просекот, туку ја исполнува дефиницијата на Одделот за здравство на Охајо за епидемија“, рече окружниот здравствен оддел во средата.
Ширењето на случаите предизвика стравувања дека инфекцијата која ги преполни болниците во Кина се појавила и во Америка. Да потсетиме дека неколку европски земји се борат со сличен проблем.
Од друга страна, извор од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) вели дека, на национално ниво, „ништо не е невообичаено“.
Охајо е под истрага за тоа што го предизвика бранот на болеста, но официјалните лица не мислат дека тоа е ново респираторно заболување – и наместо тоа обвинуваат мешавина од неколку вообичаени инфекции кои започнале во исто време.
Досега на пациентите им била дијагностицирана микоплазма пневмонија, бактериска инфекција на белите дробови, на која многу антибиотици не помагаат, но им биле дијагностицирани и стрептококи, аденовирус и вообичаени респираторни инфекции.
Пациентите, во просек, имаат осум години, но Дејли Мејл наведува дека има и тригодишни деца кои се болни.
Постојат неколку теории за оваа ситуација, а една од нив е дека имунитетот на децата е ослабен поради заклучувањето за време на пандемијата на Ковид, носењето маски и затворањето на училиштата за време на пандемијата, што ги прави ранливи на сезонски болести.
Бактериските респираторни инфекции имаат тенденција да се разгоруваат на секои неколку години, обично кога луѓето се опоравуваат од бранот на грип или други вирусни заболувања.
„Не мислиме дека ова е ново заболување на дишните патишта, туку големо зголемување на бројот на случаи на пневмонија кои вообичаено се забележуваат во исто време. Како што се приближуваме до сезоната на празници, кога многу од нас ќе се соберат со семејството и пријателите, запомнете да ги преземете неопходните мерки на претпазливост за да го заштитите вашето здравје“, апелираат државните здравствени власти.
Тие рекоа дека превентивните мерки вклучуваат миење на рацете, покривање на носот и устата при кивање и кашлање, како и останување дома доколку не се чувствувате добро.
Лекарите велат дека пациентите најмногу страдаат од треска, кашлица и замор.
Засега не е познато дали има пријавени смртни случаи.