Конклавата за избор на 267-ми поглавар на Римокатоличката црква, на која учествуваат 133 кардинали, започнува денес во Ватикан.
Пред почетокот на конклавата , во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан ќе се одржи свечена миса , „ Pro Eligendo Romano Pontifice “, предводена од деканот на Колеџот на кардинали, кардиналот Џовани Батиста Ре, по што ќе следи ручек.
Учесниците на конклавата потоа ќе се соберат во Апостолската палата, од каде, со химната „ Veni Creator Spiritus “, свечената поворка ќе се упати кон Сикстинската капела, каде што кардиналите ќе положат заклетва „дека ќе ја почитуваат најголемата тајност во врска со сè што на кој било начин се однесува на изборот на римскиот папа“.
Конклавата официјално ќе започне во Систинската капела откако папскиот церемонијален водител ќе ја изговори познатата латинска формула „extra omnes“ (сите надвор), околу 16:30 часот.
Од учесниците на конклавата се очекува да гласаат неколку пати на ден сè додека еден кандидат не добие две третини од гласовите плус барем еден глас повеќе , а по секое второ неуспешно гласање, гласачките ливчиња се горат во печка.
Ако не се избере папа, ливчињата се
мешаат со патрони што содржат калиум перхлорат, антрацен – компонента на катранот од јаглен и сулфур за да се исфрли црниот чад од оџакот.
Доколку се избере победникот, гласачките ливчиња се мешаат со калиум хлорат, лактоза и хлороформска смола за да се произведе бел чад и јавно да се објави дека папата е избран .
Меѓу фаворитите за нов папа се државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, шефот на Италијанската бискупска конференција (CEI) Матео Купи од Болоња, Питер Турксон од Гана и Филипинецот Луис Антонио Тагле.
Откако од оџакот ќе се појави бел чад, во Сикстинската капела деканот на кардиналскиот колегиум ќе го праша избраниот кардинал дали го прифаќа папството, и ако го прифати, тој кардинал автоматски станува новиот римокатолички поглавар.
Потоа тој го избира името по кое ќе биде познат како папа , како што, на пример, Хозе Марија Берголјо го избрал името Франциск или Јозеф Рацингер – Бенедикт XVI, бидејќи истото име го избрале 15 папи пред него.
Кардиналот протоѓакон, односно најстариот кардинал ѓакон, потоа ќе излезе на централниот балкон на базиликата „Свети Петар“ , од каде што ќе му објави на светот „ Annuntio vobis gaudium magnum: Habemus papam “ (Ви објавувам голема радост: Имаме папа).
По објавувањето, новиот папа се појавува на балконот за да ја поздрави толпата на плоштадот „Свети Петар“, традиционално облечен во бела папска мантија со црвени литургиски одежди, за да им го даде првиот благослов на Рим и на светот, познат како „ Urbi et Orbi “.
Ова претставува значаен момент за почетокот на папството , каде што новиот поглавар се моли за мир, за Црквата и за светот, заедно со посебен апостолски благослов.
После тоа, се одржува првата миса на новиот папа , во присуство на кардинали, епископи и друго свештенство, како и многу поклоници и верници.
Претходните два конклава, во 2005 и 2013 година, траеја само по два дена.
Комитетот за јавен ред и безбедност на Рим денес објави дека повеќе од 4.000 припадници на полицијата ќе бидат ангажирани за обезбедување на безбедноста за време на церемонијата на инаугурација на новиот папа , а локалните власти очекуваат стотици илјади туристи во градот.
Папата Франциск беше избран на конклавата во 2013 година по дводневно гласање, а почина на 21 април на 89-годишна возраст и беше погребан во римската базилика Санта Марија Маџоре.