– Војната во Украина продолжува, а украинските и руските власти денес соопштија дека собориле повеќе непријателски беспилотни летала.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските сили собориле најмалку 35 украински беспилотни летала во регионите Липецк, Ростов и Волгоград.
„Украина се обиде со дронови да нападне руски објекти во текот на ноќта и ова утро“, се вели во соопштението на Москва, додавајќи дека системите на противвоздушната одбрана синоќа собориле 33 беспилотни летала и уште две ова утро.
Од друга страна, украинските сили соопштија дека собориле 9 руски беспилотни летала во обид за напад на пристанишниот град Одеса. Во соопштението се наведува дека во Одеса загинало едно лице.
Олег Кипер, началник на воената управа на југозападниот регион Одеса, на својот профил на социјалните мрежи, објави дека соборените беспилотни летала предизвикале пожари на три локалитети и дека гаснењето траело подолго од 4 часа.
Кипер истакнал дека ова е трет напад на руската војска на Одеса во изминатите недела дена.