Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков објави дека рускиот претседател Владимир Путин е во неговиот кабинет во Кремљ, каде што работи како и обично.
Ова го објави руската агенција РИА Новости, додека Антон Герашченко, советник во украинското Министерство за внатрешни работи, на Твитер напиша дека „претседателскиот авион на Путин наводно полетал од Москва до Санкт Петербург“, родниот град на шефот на руската држава.
Сепак, Герашченко потсети и на изјавата на Песков дека Путин е на своето работно место во Кремљ.
Украинската агенција „Некста“ на Твитер објави дека „авионот на Путин полетал од Москва и исчезнал од радарот“, повикувајќи се на податоците од веб-страницата Флајтрадар.
Се наведува дека авионот наводно престанал да пренесува сигнали кои овозможуваат да се следи некаде во близина на рускиот град Твер, кој се наоѓа на 180 километри северозападно од Москва.
Некста наведува дека една од резиденциите на Путин се наоѓа во регионот Твер и дека претседателскиот авион има опрема што му овозможува на Путин да ги контролира руските вооружени сили од воздух.
Путин денеска и се обрати на нацијата откако војниците од приватната воена компанија „Вагнер“ на Евгениј Пригожин ја презедоа контролата врз руските градови Ростов на Дон и Воронеж.
„Обидот да се предизвика раскол во општеството е удар во грб“, рече Путин, додавајќи дека преголемата амбиција доведе до предавство на Русија.