The World of Statistics , глобална мрежа од околу 2.630 организации кои го промовираат значењето на статистиката направи споредба на висината на платата од крајот на 2022 односно од декември минатата година до мај 2023
Како се мери просечната плата? Дали таа се зголемила или се намалила? Кои фактори влијаат и дали ако платата се зголеми ќе имаме повеќе пари за трошење? Овие прашања станаа особено актуелни изминатиов период со растот на цените на глобално ниво предизвикани најмногу од руско-украинската војна.
Инфлацијата и зголемувањето на цените е она што најмногу ја одредува вредноста на реалната плата. Вообичаено статистичарите ја споредуваат висината на просечната бруто и нето плата на месечно или годишно ниво.
Светот на статистиката (The World of Statistics), глобална мрежа од околу 2.630 организации посветени на промовирање на значењето на статистиката во сите сфери на општеството, излегува со почести статистички анализи. Последната анализа во низата е споредба на висината на платата од крајот на 2022 односно од декември минатата година до мај 2023.
Анализирани се податоци од 31 држава, вклучително и повеќе држави од Европската Унија, САД, Австралија, Јапонија, но и три држави од регионот на Западен Балкан, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Србија. Во истражувањето нема податоци за Албанија, Косово и Црна Гора.
Раст во Србија и БиХ, намалување во Северна Македонија
Според овие анализи, Србија и Босна и Херцеговина бележат раст на платата во изминативе шест месеци. Во Србија растот е 15,2 отсто, а во Босна и Херцеговина 14,86 отсто. Во Северна Македонија иако според Државниот завод за статистика во последниов период има раст на просечната плата, сепак податоците на The World of Statistics велат дека од декември до мај таа реално се намалила за 2,8 отсто.
Анализата содржи податоци и за земјите од Балканот членки на ЕУ. Според овие податоци во Хрватска платата пораснала за 11,8, а во Словенија за 10,66 отсто.
Португалија со најголем раст во ЕУ
Генерално во земјите од ЕУ најголем раст на платата од декември до мај регистрирале кај Португалија од 14,2 отсто. Потоа следуваат Романија со 13 отсто и Полска со 12,6 отсто. Хрватска и Словенија се останатите земји од првите пет. По нив следуваат Белгија со 10,2%, Естонија со 9,2 %, Финска со 5,7 %, Холандија со 5,67 %, Шпанија со 4,72 %, Шведска 2,4, %, Италија 2,2 %, Франција 0,2 %.
Во Германија, статистичарите одредиле дека од декември платата се намалила за 3,7 %, во Чешка за 6,7 % и во Словачка за 7,6 %.
Европски држави надвор од Европска Унија
Во европските земји надвор од ЕУ најголем раст има во Белорусија од 13,2 %, Велика Британија 5,8 %, Норвешка 4,46 %, Русија 2 %, Швајцарија 1,1 %. Пад е утврден во Исланд 0,3 %.
Каква е ситуацијата на другите континенти
Надвор од Европа утврден е раст од 7,88 % во Аргентина, 7,04 % во САД, 3,3 % во Австралија, 1,8 % во Канада и 0,8 % во Јапонија.
TRT Balkan