Во овие тешки времиња, кога светот се соочува со голем предизвик за меѓународниот мир и поредок, Јапонија и Северна Македонија се залагаат и придонесуваат за промоција на основните заеднички вредности, како што се слободата, демократијата, човековите права и владеењето на правото, силно осудувајќи ги сите нехумани и сурови дејствија на војната. Ние ја поддржуваме Украина заедно со меѓународната заедница, порача вчера јапонскиот амбасадор во земјава Казуја Отсука на свеченоста по повод Националниот ден на Јапонија – роденденот на јапонскиот император Нарухито.
– Во исто време, мора да продолжиме да градиме мостови на разбирање и соработка, промовирајќи мир и стабилност, преку конструктивен дијалог и взаемно корисни партнерства. Ова е особено важно имајќи ги предвид новите предизвици со кои се соочуваме и затоа Јапонија останува посветена на поддршката на Северна Македонија во нејзиниот социо-економски развој, што е од клучно значење за нејзината интеграција во ЕУ и реформскиот процес, порача Отсука.
Јапонскиот амбасадор истакна дека безбедноста и стабилноста на Европа, па и пошироко, се под закана и ова станува глобално прашање.
– Министрите за надворешни работи на Г-7 се посветени на одржување на меѓународниот поредок заснован на владеење на правото. Членките на Обединетите нации мора да се воздржат од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава во согласност со Повелбата на Обединетите нации, порача тој.
Отсука нагласи дека руската инвазија на Украина служи како потсетник за потребата од солидарност наспроти неволјите. Додаде дека сите мора да работат заедно за да ги зачуваат мирот и безбедноста за целиот свет.
Јапонскиот амбасадор информира дека Јапонија го поканила украинскиот министер за надворешни работи Кулеба и претседателот Зеленски во својство на претседавач на состанокот на Г-7, каде што беше демонстрирана солидарноста на земјите од Г-7 со Украина.
Отсука изјави дека е почестен да биде амбасадор во Северна Македонија и да работи на промовирање на билатералните односи и пријателство. Тој потсети дека неговата мисија започнала во годината кога се одбележува 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.
– Во годините по земјотресот Јапонија се приклучи на меѓународната поддршка и солидарноста на народите, давајќи значителна помош на вашата земја. Познатиот јапонски архитект Кензо Танге го дизајнираше урбанистичкиот и архитектонскиот план за реставрација на градот Скопје. Неговиот проект му ги даде на градот контурите кои се видливи и ден денес. Би сакал да ја акцентирам важноста на комеморацијата на минатите трагедии, како можност да размислиме како да ја зајакнеме нашата отпорност и подготвеност за иден земјотрес, истакна тој.
Јапонскиот амбасадор изрази длабоко сочувство до народите на Турција и Сирија, кои во моментов се борат со последиците од земјотресите.
Во своето обраќање тој се осврна на билатералните односи, нагласувајќи дека откако Северна Македонија станала независна држава двете земји изградиле силни односи во различни области, а таа соработка особено е продлабочена со отворањето на Јапонската Амбасада во Скопје во 2017 година.
– Сакам понатаму да ја промовирам нашата билатерална соработка и размена во различни полиња во пресрет на 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји во 2024 година. Во тој контекст сакам да ја искористам оваа прилика да ја изразам нашата цврста заложба за нашата поддршка и зајакнување на нашето пријателство со Северна Македонија во рами на Иницијативата за соработката со Западен Балкан. Јапонија смета дека е мошне важна стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан, каде стабилна Северна Македонија игра голема улога, порача амбасадорот.
Тој потенцира дека еден од неговите приоритети е зајакнување на билатералните економски односи и ги охрабри јапонските компании да инвестираат во земјава.