Откако беше објавена информацијата за тоа како Иранците им доставувале балистички ракети на Русите, се поставува прашањето – какво влијание ќе има тоа врз војната во Украина?
Белата куќа веќе објави дека ги вознемирува информацијата дека Иран ги испратил своите ракети во Русија.
Во октомври 2022 година, Вашингтон пост објави извештај за тоа како Иран се подготвува за првата пратка на балистички ракети со краток дострел Фатех-110 и Золфагар.
Во февруари оваа година, Ројтерс објави дека Русија веќе примила најмалку четири пратки ракети од Иран.
„До денес не е познато дека Русија истрелала ирански балистички ракети кон Украина, иако во нападите се користеа ирански самоубиствени беспилотни летала Шахед“, пишува Киев Индипендент.
Она што е уште позбунувачки во целата приказна е дека новите информации укажуваат дека Иран испорачува два типа ракети – Абабил и Фат-360.
„Сè уште има многу отворени прашања. Големото прашање е какви системи ќе испорача Иран. Дали тие би биле постратешки или тактички. Одговорот на ова прашање има длабоки импликации за Украина“, рече истражувачот Фабијан Хинц.
Она што е познато е дека ракетите Абабил и Фат-360 имаат дострел од 86, односно 120 километри.
„Поголема е веројатноста да се користат на цели на фронтот, воени цели, логистички центри, командни пунктови, касарни и складишта за гориво. Тоа се типови на цели што би ги погодиле со тактички проектили“, рече Хинц.
Од друга страна, балистичките ракети Фатех-110 и Золфагар имаат дострел од 300 километри, односно 700 километри и се класифицирани како стратешки.
„Ако Иран ѝ ги испорача на Русија, може да удри длабоко во Украина. Досегот на Золфагар е малку поголем од рускиот Искандер. Тие можат да се користат за таргетирање на критичната инфраструктура низ целата земја“, објасни тој.
Има уште еден фактор за иранските ракети што треба да се земе предвид – нивната точност.
„Иако процентите не се баш толку високи во споредба со западните стандарди, тие сепак би биле релативно ефикасни во Украина“, заклучува Финц.