Рамеш Висвашкумар, единствениот познат преживеан од 242-та патници во авионот на Ер Индија што се урна вчера во Ахмедабад, седел во близина на излезот за итни случаи и успеал да избега низ него, според полицијата.
Во интервју од болничкиот кревет, 40-годишникот им изјави на индиските медиуми дека е британски државјанин и дека патува во Британија со својот брат по посетата на семејството во Индија.
„Кога се разбудив, околу мене имаше тела. Бев исплашен. Станав и истрчав. Имаше парчиња од авионот насекаде. Некој ме крена, ме стави во амбулантно возило и ме однесе во болница“, изјавил Висвашкумар за „Хиндустан тајмс“, пренесува Ројтерс.
Не е јасно дали Висвашкумар успеал да излезе пред авионот да удри во земјата. Снимките од социјалните медиуми покажуваат маж во крвава бела маица и темни панталони, како оди со помош на лекар. Истото лице има повреди на лицето и мала брада, слично на фотографиите од Висвашкумар во болницата по несреќата.
Footage claimed to show the only current survivor of Air India 171, Viswashkumar Ramesh, walking around dazed and confused immediately following this morning’s crash in Ahmedabad, India. pic.twitter.com/PkoGhc9kPd
— OSINTdefender (@sentdefender) June 12, 2025
Фотографија од неговата карта за влез во авионот, објавена од „Хиндустан тајмс“, покажува дека тој седел на седиштето 11А во авионот што патувал кон аеродромот Гетвик.
Тој за весникот изјавил дека неговиот брат, Аџај, седел во друг ред од авионот и побарал помош да го пронајдат.
„Тој беше близу до излезот за итни случаи и успеа да избега излегувајќи низ вратата за итни случаи“, рече Види Чаудари, портпарол на полицијата.
Инаку, во тек се истраги за да се утврди причината за несреќата и да се идентификуваат сите жртви.