Потпретседателот на владата на Србија и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ денеска изјави дека бегството на Блерим Рамадани од куќен притвор во Македонија е скандалозно, соопшти српското МВР, пренесува „Политика“.
„Станува збор за припадник на терористичката ОВК кој сторил злосторства над Србите на Косово и Метохија и кого Србија го бара да му суди. Бараме објаснување од државните органи во Северна Македонија како е можно некој кој е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница, да побегне од куќен притвор. Или за албанските терористи воени злосторници не важи меѓународна правда и кога убиваат Срби се им е дозволено и простено“, изјави Дачиќ.
Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој беше уапсен минатиот месец во Македонија по потерница од Интерпол на барање од Србија, побегна од куќен притвор од куќа на негови роднини. Рамадани беше уапсен на 17 јули на граничниот премин Јажинце и спроведен во затворот во Шутка на екстрадициски притвор од 30 дена.
Судот во Скопје на 1 август ја преиначи казната за Рамадани од „притвор“ во „куќен притвор“ и според одлуката бил упатен на адреса во Скопје на која требал да остане до 16 август, пишува „Политика“.