Како може разводот на родителите да влијае на здравјето на децата во подоцнежните години?

Децата често тешко се справуваат со разводот на нивните родители, а сега експертите потврдија колку овој настан може да влијае на нив дури и во зрелоста. Новото истражување покажа дека децата на разведени родители имаат 60 отсто поголем животен ризик од мозочен удар, во споредба со оние кои не доживеале развод во детството.

„Нивото на поврзаност помеѓу родителскиот развод и мозочниот удар е споредливо со веќе добро познатите фактори на ризик за мозочен удар, како што се машкиот пол и дијабетесот“, вели Есме Фулер-Томсон, водечки автор на студијата од Универзитетот во Торонто.

Студијата опфатила 13.200 возрасни лица на возраст над 65 години, од кои седум проценти пријавиле мозочен удар, додека 14 проценти доживеале родителски развод пред да станат полнолетни. Истражувачите известуваат дека стресот во детството, хроничната напнатост и проблемите како висок крвен притисок можат да придонесат за зголемен ризик, пишува New York Post.

Други здравствени ефекти

Истражувањата покажаа дека децата на разведени родители честопати страдаат од негативни здравствени последици како возрасни, како што се депресија и ослабен имунитет, што ги прави поподложни на настинки. На сериозноста на овие последици влијаат фактори како што се возраста на детето во моментот на разводот, нивото на родителски конфликт и обезбедената поддршка.