Лебот е суштински дел од исхраната на многу луѓе, а изборот на видови во продавниците денес е поголем од кога било, од интегрално брашно и ‘ржан до варијанти без глутен. Сепак, многумина сè уште избираат класичен бел леб. Ако го јадете секој ден, добро е да знаете какво влијание може да има врз вашето здравје и како мудро да го вклучите во балансирана исхрана.
Нутриционистката Кели Џонс истакнува дека здравствените ефекти од белиот леб зависат од личноста и нејзините цели. „Луѓето со интензивна физичка активност може да имаат корист од бел леб пред тренинг, додека дијабетичарите треба да бидат повнимателни поради неговата ниска содржина на влакна и протеини“, објаснува тој.
Некои здравствени состојби, како што е Кронова болест, исто така бараат исхрана со помала содржина на растителни влакна, па затоа белиот леб може да биде соодветен избор. Нутриционистката Стејси Робертс-Дејвис додава дека уживањето во квалитетен бел леб, како што е францускиот багет со маслиново масло и зачини, може да биде дел од балансирана исхрана, пишува Parade.
Што се случува ако јадете бел леб секој ден?
Нутриционистката Алисон Бригам предупредува дека белиот леб, поради ниската содржина на влакна, брзо го зголемува и намалува нивото на шеќер во крвта, што може да доведе до чувство на замор веднаш по оброкот. Исто така, белиот леб не дава долготрајно чувство на ситост, па затоа брзо можете повторно да огладнете, што ја отежнува контролата на тежината.
Доколку се консумира со исхрана богата со високо преработена храна, белиот леб може да придонесе за лошо варење и нестабилни нивоа на енергија. Од друга страна, ако го комбинирате со извори на протеини и растителни влакна (како зеленчук), влијанието може да биде многу поблаго.
Кога консумирате леб долгорочно, важно е да обрнете внимание на неговиот состав. Изберете верзии без додадени шеќери и адитиви. Сепак, за здравјето на срцето и превенцијата од дијабетес тип 2, експертите сè уште препорачуваат преминување на леб од цело зрно, кој е побогат со растителни влакна и хранливи материи.