Како ќе се чува осомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски: Посебни мерки и проверена храна за Љупчо Палевски Палчо во затворот

Тој беше спроведен до ќелијата под силно обезбедување, преку посебен коридор. Специјално ќе му се проверува храната, а ќе му биде извршен и лекарски преглед.

Со колона од пет возила, Љупчо Палевски Палчо вечерва беше спроведен во Истражниот затвор Шутка. Тој во Македонија пристигна со редовен лет на турска авиокомпанија. Тој слета на скопскиот аеродром во 19 часот и 30 минути, јавува Курир.мк.

Како што објавија некои медиуми, затворот е под посебни мерки поради доаѓањето на Палчо. До неговото влегување затворениците биле затворени во ќелиите за да не стапат во контакт со него.

Тој беше спроведен до ќелијата под силно обезбедување, преку посебен коридор. Специјално ќе му се проверува храната, а ќе му биде извршен и лекарски преглед. Во ќелијата ќе биде сам, заштитен, со обезбедување да се грижи за неговата безбедност.

Сето ова беше направено затоа што беше оценето дека е изложен на ризик.

„МВР ја информира јавноста дека денеска (15.05.2024 година) полициски службеници од Одделот за меѓународна полициска соработка при Министерството за внатрешни работи, во соработка со турската полиција, го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје“, велат од МВР.

По него е распишана меѓународна потерница во врска со истрагата за сторени кривични дела киднапирање и убиство, по наредба издадена од XV КО бр.3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје.

Палевски е осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски.

Тој беше уапсен на 6 декември минатата година во Баликесир, Турција, каде побегна кога беше откриено грозоморното двојно убиство што го шокираше регионот.