Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас изјави за Франс прес дека Соединетите Американски Држави не ги искористиле своите „алатки“ за притисок врз Русија, и ја обвини Москва дека со велигденското примирје во Украина сака да купи време.
„Не го почитуваа примирјето. Јасно е дека Русија ги игра сите овие игри за да одолговлечи и дека всушност не сака мир. Мислат дека времето е на нивна страна, па не покажуваат никакви добри знаци, ниту добра волја“, кажа Калас.
Претседателот на САД Доналд Трамп се закани минатата недела дека ќе се откаже од напорите да се сопре војната во Украина ако нема брз напредок во договорот на Москва и Киев.
Тој кажа дека се надева на мировен договор на Русија и Украина оваа недела, ветувајќи „голема зделка со САД“ за двете земји ако се потпише прекин на огнот.
Калас оцени дека руската најава за 30-часовно примирје за време на викендот била трик чија цел била да го спречи Трамп „да го изгуби трпението“ со Кремљ.
Таа додаде дека Киев и неговите европски спонзори се надеваат дека Вашингтон ќе заземе потврд став кон Москва пред да се откаже од мировните настојувања.
„Имаат алатки во своите раце да извршат притисок врз Русија, не ги искористија. Ако сега заминат без да ги употребат тие алати, тогаш има голем знак прашалник, зошто? Зошто не ги користат за навистина да ја окончаат оваа војна?“, кажа Калас.
Таа кажа и дека САД би можеле да „ги измијат рацете“ од војната во Украина, но дека без оглед на тоа и понатаму сака да продолжи со Москва да одржува договори и да соработува „како и обично“.
Кала предупреди дека би била грешка САД да размислуваат за признавање на црноморскиот регион Крим како руска територија во рамки на каков било договор.
Истакна дека ЕУ од своја страна никогаш нема да го признаат полуостровот кој Русија го зазема во 2014 година.
„Крим е Украина. на оние кои се окупирани многу им значи тоа што другите не го сметаат за руски“.
ЕУ е исклучена од мировните напори предводени од САД, Вашингтон навестува дека блокот ќе мора да биде вклучен во некоја фаза, имајќи ги предвид санкциите кои ги воведе против Русија.
Калас смета дека ЕУ не треба да ги ублажува санкциите против Москва пред Русија да докаже дека исполнува каков било конечен мировен договор.
„Мораме да видиме веродостоен доказ и од руска страна дека го почитуваат договорот пред да направиме такви чекори“, истакна ЕУ функционерката.
Сојузниците на Киев ќе се сретнат утре во Лондон за да разговараат за американските предлози за окончување на војната.