Калиопи го прослави роденденот на концертот на Жељко: Самарџиќ ѝ честиташе пред сите а ѝ даде и подарок (фото)

Во преполната МЦ Дворана се одржа концерт на поп иконата Жељко Самарџиќ, кој по третиот концерт ќе одржи уште три до крајот на оваа година во Дворана.

Како и секогаш, Самарџиќ безрезервно ѝ се предаде на публиката, а тие одговорија на истиот начин. Два и пол часа траеше забавата со фановите во неисцрпен репертоар од хитовите на познатиот пејач.

Традиционално, на Самарџиќ на сцената му се придружија неговите пријатели музичари, а вистинскиот спектакл настана кога се појави Калиопи, која го прослави својот роденден. Жељко во таа прилика и’ подари цвеќе кое ја воодушеви.

Таа ги отпеа „Црно и бело“ и познатата „Бато“, а публиката не и’ дозволи сама да ја заврши оваа задача, и ја поддржа во хор. Салата одекна и зрачеше посебна енергија, која магично ја создадоа пријателите на сцената изведувајќи го дуетот „Знам“.

И овојпат, популарниот пејач избра само хитови за публиката.

Атмосферата го достигна својот врв кога на сцената се појави гостин кого Самарџиќ го чуваше како изненадување, познатиот трубач Дејан Петровиќ – Биг Бенд. Тој и Самарџиќ го отсвиреа хитот „9000“, кој инстантно се претвори во вистински спектакл.

Жељко следната средба за дефинитивно ненаситна публика ја закажа за денес, како и два пати во сабота на 30 декември кога ќе настапи во 17 и 20 часот.