Камбовски: Единствено место за разрешување членови е во Судскиот совет

Самите судии имаат ниска доверба во Судскиот совет, вели претседателот на ова тело, Александар Камбовски во неделното интервју за РСЕ. Тој вели дека целта му е прво да ја врати довербата од фелата. За судијата Енвер Беџети, кој е на црната листа на САД, посочува дека не е пријатно да се гледа како сè уште дели правда.

Господине Камбовски, во јуни 2024 бевте избран за член на Судски совет. Претходно беше судија во Апелациониот суд во Битола. На почетокот на јануари едногласно бевте избран за претседател на Судскиот совет. Како успеавте за неколку месеци да ја добиете довербата од сите колеги?

Поминав безмалку шест месеци тука во Советот. Мислам дека добар дел од нив и од претходно ме познаваа, доаѓам од судството, ме познаваа како судија, ја познаваа мојата работа, а во тие шест месеци се запознавме, да речеме, и лично како луѓе – какви карактери сме. Мислам дека увидоа колегите дека можам да ја извршувам оваа функција и можам да ги сплотам сите заеднички да ги водиме тие мисии и цели што си ги имаме зацртани за Судскиот совет.

Судскиот совет изминатиот период постојано беше мета на критики, судството се соочува со мала доверба во јавноста. Колку и самите судии му веруваат на Судскиот совет?

Мене тоа ми е една од најголемите желби или цели што сакам да ги остварам – судиите да го чувствуваат Судскиот совет како свој, ова е нивна куќа. Судиите тука имаат мнозинство, сакам да чувствуваат дека првенствено ние сме нивни заштитници, ја гарантираме нивната независност и интегритет, а не само да гледаат на Судскиот совет како на некое тело кое служи за нивно казнување или разрешување. Или на кој било друг начин да служиме за заплашување на судиите.

Сакам да го постигнам токму обратното, во нас да чувствуваат една заштита и тоа мислам дека ќе придонесе тие уште подобро да ја извршуваат својата работа, да добијат уште поголема самодоверба во тоа што го работат. И што е најважно, уште поголема сигурност дека нема никој да може да изврши притисок или влијание за каква било промена во нивните одлуки, без тие да знаат. Да знаат дека цело време има едно тело кое ќе ги штити, без разлика дали станува збор за политички или бизнис влијанија, дали претставува влијание од понизок или повисок ранг од тие фели.

Како вие ја оценувате работата на Судскиот совет во изминатите неколку години?

Факт е дека имаше проблеми во Судскиот совет, тоа можеше да го види целата јавност. Но, сепак мислам дека работите полека се средуваат, добиваат некој нормален тек како што треба да функционира Судскиот совет. Знаете дека добар дел од членовите се променија, дојдовме нови членови, почнувајќи од јуни минатата година па до сега имаме четворица нови членови. Така што, оптимист сум дека во иднина Судскиот совет ќе биде на ниво на задачите кои ги има.

Последните најавени промени за Судскиот совет се дека ќе бидат разрешени членовите кои ги избира Собранието поради негативниот годишен извештај. Постои ли законска можност за ова?

Видете, единствено место каде е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судски совет е во Законот за Судски совет. На друго место јас не сум сретнал по законите дека постои таква можност – да бидат разрешени во некоја друга постапка. Значи, разрешувањето се одвива тука во Судскиот совет.

Убаво е сите власти кои се во оваа држава да соработуваат помеѓу себе, да се критикуваат кога е тоа потребно затоа што критиката секогаш вродува со позитивни работи, да се коригираме дали ние, дали законодавната, дали извршната власт. Не го сфаќаме тоа како притисок, ниту го чувствуваме како притисок. Секој има право да критикува, се разбира, доколку таа критика е со позитивна намера да се подобрат работите и секогаш ги прифаќаме таквите критики, се трудиме да се поправиме во некои работи кои во минатото не биле добри за да се извршуваат на подобар начин.

Рековте дека не ги гледате како притисок критиките. Изминатиот период постојано се слушаа критики, особено од претставници на извршната власт, се најавуваше дури и целосно распуштање и на судскиот и на обвинителскиот совет. Сметате дека тоа е добра идеја?

Не дека на некој му одговараат критиките и сака постојано да ги има. Да одговорам директно на прашањето, сметам дека тоа не е добра идеја колективно да се разрешуваат колективните тела. Јас секогаш сум се залагал за индивидуална одговорност. Одговорноста секогаш има име и презиме. Не може сè да ставиме во еден кош, не може да кажеме дека цел судски или јавнообвинителски совет не функционирал како што треба. Исто и за судиите, не може да кажеме дека сите судии не се добри, па треба сега сите да ги разрешиме. Не, индивидуалната одговорност е таа на која треба да посветиме внимание и навистина тие поединци кои не си ја работат својата работа, да одговараат. Не може сите останати кои си ја работат работата, се врвни професионалци и личности со врвен интегритет, да страдаат поради таквите други колеги.

Ако сте против разрешување, како поинаку би ја вратиле довербата во Судскиот совет?

Со работата која ја вршиме. Првично, целта мене ми е да ја вратам на судиите во Судскиот совет. Знаете дека прво ние имаме многу ниска доверба кај самите судии, тоа мене ми е примарна цел – да успеам да го зближам Судскиот совет до судиите. Како што кажав на почетокот, да го чувствуваат за свој заштитник. Зборувам за судии кои работат чесно, по закон и по Устав и кои имаат интегритет што секој судија треба да го има.

Понатаму, довербата ќе ја враќаме со објективно и ефикасно постапување, со давање предлози за законски измени, за забрзување на судскиот постапки, на пример. Сето тоа е делот од нашата работа која треба да ја правиме. Затоа неслучајно реков дека треба да имаме соработка и со извршната и со законодавната власт.

Сведоци сме дека многу постапки долго траат во судовите. Треба да се консултираат судиите, зошто е тоа така, каде е проблемот, да го детектираме, да се обидеме преку законски измени да се скратат тие рокови. Така и граѓаните побрзо ќе доаѓаат до правдата и ќе бидат позадоволни. Тоа не е нешто што може да се случи преку ноќ, тоа е еден процес што внимателно треба да се одвива и на крајот ќе резултира со зголемување на довербата во судството.

Сметате ли дека, на пример, довербата се враќа со тоа што сопруга на градоначалник на владејачка партија се избира за член на Судскиот совет?

Ако така го гледаме, не се враќа. Меѓутоа, другата страна е дека колешката е судија од 1996 година, значи таа си има свој живот и своја кариера. Жално е доколку сега, неа само ја врзуваме со нејзиниот сопруг и што тој работи. Таа е своја, изградена личност која долги, долги години пред нејзиниот сопруг кој не знам дали воопшто се занимавал тогаш со политика, таа била судија. Значи, потекнува од судството, долги години била во овој систем.

Неодамна МВР одзеде документи од Судскиот совет откако претходно имаше обвинувања за фалсификување записници. До каде е постапката?

Немам информација, ние сме отворени за која било институција, за какви било проверки што сака да ги направи затоа што сметам, колку што е моето познавање на состојбите, дека се е регуларно сработено. Јас сум сепак краток период на челната позиција, точно знам дека беа земени некои документи, меѓутоа до каде е таа постапка и што се утврдило, навистина не можам да ви одговорам.

Дали беа одземени документи и во врска со постапките што се водеа за судијата Енвер Беџети?

Не би знаел тоа, не би сакал да шпекулирам. Како што кажав, не бев тогаш на ова место и не знам точно кои документи и што било одземено од судскиот совет.

Судијата Енвер Беџети е на црната листа на САД, паралелно сè уште работи како судија. Како гледате вие на една ваква ситуација – судија што е на црна листа на САД, да дели правда?

Не е пријатно во секој случај. Судскиот совет прави се што е во рамките на неговите можности.

Судскиот совет веќе водеше постапка поради држење на предметите поврзани со поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков. Таа постапка заврши со казнување со 20 проценти на плата. Дали во моментов во Судскиот совет има некаква друга иницијатива за одговорност на судијата Енвер Беџети и по кои основ се води таа?

Во повеќе наврати сум одговорил дека постапките што се водат против судии се тајни, тоа законот го определува. Тоа не е моја ниту желба на Судскиот совет. Напротив, Судскиот совет би сакал да каже и да објави имиња против кои судии се водат такви постапки.

Но, за жал законот јасно пропишал дека тие постапки се тајни и единствено доколку судијата против кого водиме постапка побара таа да биде јавна, тогаш таа ќе биде јавна. Тоа е моменталното законско решение, дали во иднина ќе остане тоа…

Треба да остане?

Според мене, не. Тоа се прави заради презумпција на невиност.

Судењата се јавни, а и таму има презумпција на невиност.

Точно, јас сум да бидат јавни, од самиот почеток да се знае против кој судија се води таа постапка.

Претходните две претседателки на Судскиот совет ја напуштија функцијата со обвинувања за притисоци, како од политички, така и од бизнис кругови. Зошто досега ништо конкретно не произлегува од Судскиот совет за тие притисоци, туку само се кажува, без да се посочи конкретно.

Тоа беа нивни ставови кои си ги искажаа, не беа ставови на Судскиот совет. Оттука, јас не можам да коментирам зошто не се презема ништо, доколку тие сметаат сигурно дека ќе поведат, а можеби и повеле постапки. Затоа, не можам да одговорам.

Оценската мисија на ЕУ даде препораки за реформи на Судскиот совет. Тие беа имплементирани и во реформската агенда од Планот за раст. Меѓу другото предвидено е до јуни 2025 да има нов Закон за судски совет. Колку вие сте вклучени во овој процес?

Ние сме вклучени, но не зависи се од нас. Тоа што требаше да се заврши од страна на Судскиот совет е завршено во голем дел освен некои природни работи што не можеше да се завршат, како што е избор на нови судии. Како што знаете, сега од Академијата за судии и јавни обвинители веќе излегува генерацијата, ќе имаме околу 100 нови кандидати од кои се надевам дека повеќе од половина ќе дојдат во судството, а останатите ќе одат во јавното обвинителство. Тоа беше една од препораките која исто така ќе ја исполниме. Останатите делови во принцип зависат од извршната и законодавната власт. Ние тука не можеме ништо да направиме, ниту да се мешаме ниту да ја забрзаме таа работа. Едноставно, не зависи од нас.

Што ќе донесе новиот закон за Судски совет, какви клучни промени?

Не сум го видел јас искрено и не би можел да коментирам. Единствено што имам сознание е дека ќе се заострат критериумите за оние членови на Судскиот совет кои доаѓаат од Собранието и по предлог на претседателот. И сметам дека тоа е добра работа бидејќи знаете дека ние во минатото постојано имаме проблем со тоа што е тоа „истакнат правник“. Се надевам дека сега ќе се успее колку толку да се додефинира и доразјасни што значи тој поим „истакнат правник“.