Еди Вилалобос се појави пред судот во Хилсборо, предградие на Портланд, на 27. февруари, каде што требаше да се избере датум за неговото судење. Инаку, Вилалобос е обвинет дека пред две години избодел двајца мажи со нож и убил еден од нив.
Како што налага државниот закон, обвинетиот бил врзан со лисици и ги имал на него во текот на постапката а истите биле отстранети во судницата. На видео снимката од надзорната камера се гледа како 28-годишниот маж, облечен во сина кошула и црни панталони, прво вади стол за да седне, а потоа се пушта во бегство.
На вратата од судницата во тој момент немало никој, па Вилалобос истрчал низ ходникот и го напуштил судот преку излезот за вработените, каде што ја треснал вратата пред двајцата судски службеници кои го бркале.
Бидејќи обвинетиот бил пребрз за нив, тие повикале засилување и започнала голема потера. Се завршило по околу два часа, кога полицијата добила повик од загрижен жител кој слушнал дека некој провалува во соседниот стан. Тоа било бегалецот од судот кој се сокрил во плакар за алишта и се покривал со ќебиња. Така полицијата на крајот му влегла во трагата и го уапсила.
Вилалобос сега има уште две кривични дела во неговото криминално досие: бегство од притвор и кражба. Судењето е одложено а истото ќе продолжи во септември.
Од локалната канцеларија на шерифот за тамошните медиуми соопштија дека двајцата судски службеници кои го чувале обвинетиот остануваат на должност. Тие внимателно ќе го проучат бегството и ќе ја научат лекцијата во дообука на своите членови за да не се повторат слични инциденти.