Речиси десет месеци по тешката повреда на десното колено, германскиот голман Мануел Нојер (37 г.) во четвртокот прв пат учествуваше на колективниот тренинг на Баерн Минхен, објави германскиот шампион.
„Одлично е чувството да се вратам на теренот со моите соиграчи. Тоа ме направи среќен“, изјави Мануел Нојер по тренингот.
По вежбањето со голманите Свен Улрајх и Даниел Перец во првиот дел од тренингот, Мануел Нојер потоа бил на голот за време на вежбите со надворешни играчи.
Голманот на германската репрезентација и баварскиот клуб беше тешко повреден на почетокот на декември 2022 година на скијање на Алпите. По долго опоравување, Мануел Нојер се врати на теренот во средината на мај на индивидуален тренинг.
Во јули тој повторно беше опериран, а сега се приклучи на првиот тим.
Мануел Нојер е член на баварскиот клуб од 2011 година, досега забележа 489 настапи и освои дури 28 трофеи, меѓу кои две Лига на шампиони и 11 шампионски титули на Германија.