Поранешниот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, во емисијата на бугарската телевизија „Бугарија на етер“ повторно проговори за својата омилена тема – „Македонија“, овојпат отворено изразувајќи непријателство кон премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.
„Со оглед на политиката што македонската влада ја води за да ја оцрни и навреди Бугарија, Бугарија треба да дејствува многу порадикално. Ние треба да ја преземеме нашата улога, бидејќи не е Бугарија таа што аплицира за членство, туку Скопје. Да бев бугарски премиер, по оваа одлука (за Љупчо Георгиевски, претседател на забранетиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битолa), директно би изјавил дека ги прекинуваме преговорите и ставаме вето на Македонија, сè додека не ја води владата на Христијан Мицкоски“, изјави лидерот на вонпарламентарната партија ВМРО-БНД.
„Властите во Скопјe нема да почитуваат ништо, бидејќи гледаат дека бугарската држава не постои. Тие гледаат дека бугарските политичари се преокупирани со тоа кој може најмногу да украде од самата држава. Тие не ги штитат интересите на Бугарите во Бугарија. Тие многу добро гледаат дека на темата „Македонија“, бугарските политичари – вклучувајќи ја и последната влада – прават она што им се кажува од некаде во Брисел или она што некој функционер им го предлага – без разлика дали од Брисел или од некоја амбасада“, цврсто рече Каракачанов.