Најдоцна до крај на наредната недела очекуваме потпишување на анексот на колективниот договор за зголемување на плати на медицински лица, изјави Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, по денешната средба со министерот за здравство Фатмир Меџити.
Според потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски, првата средба поминала во коректен конструктивен разговор.
– Наидовме на големо разбирање од страна на министерот. Се надеваме дека во најкус можен рок ќе биде потпишано ова што е договорено. Со Министерството за здравство и Фондот за здравство е договорена сумата, обезбедени се средствата. Според новиот правилник од Министерството за труд и социјална политика, договореното, анексите со коефициентите треба според постапката, да одат до тоа Министерство, а од таму во Министерството за финансии. Финансии да дадат одговор до Фондот, па да се потпише договорот. Ние се надеваме дека до крај на наредна недела ќе се заврши оваа работа. Затоа што сме во временски цајтнот. Беше ветено за февруарска плата, сега сме седми март, посочи Серафимовски.
Доколку не се реши ова до крај на наредна недела, како што додаде тој, ќе се организираат со членството, заедно се со ССМ, синдикатите ќе видат што понатаму.
– Членството е максимално револтирано. Плус сега и порастот на минималната плата, ако не се заврши за овој месец ова потпишување на договорот, самото Министерство за здравство и Владата ќе си имаат проблем, нагласи Серафимовски.
Каранфиловски рече дека оваа средба со министерот била повеќе од информативен карактер.
– Целта ни беше да го информираме со анексот на колективниот договор за покачување на платите за вработените во здравство. За нас како синдикати е многу битно, бидејќи ова покачување ќе се однесува за сите вработени во здравство. Покачувањето на платите е неминовност. Ако не се случи тоа, ќе се дојде во ситуација, медицинска сестра со средно образование да има иста плата со минималната. Тој апсурд нема да се случи. Покачувањето е во линеарен износ, различен, од три илјади денари, две ипол, две, зависи од структурата на вработени. Покачувањето ќе значи позитивно придвижување, подвлече Каранфиловски.