Редовното консумирање овошје и зеленчук е научно поврзано со намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести. Но, на кое овошје да се даде предност? Ако ги прашате кардиолозите, одговорот е: бобинки, јаболка и банани.
„Бобинките се особено богати со антиоксиданси и растителни влакна. Покрај тоа што се здрави за цревата, влакната се клучни и за здравјето на срцето со тоа што помагаат да се одржи холестеролот на здраво ниво и да се спречи зголемувањето на крвниот притисок“, вели кардиологот Џој Гелбман за Prevention.
Кардиологот Дипак Вивек најмногу сака јаболка. Тие содржат полифеноли и флавоноиди кои имаат важни антиоксидантни својства. Покрај тоа, јаболката се исто така добар извор на влакна, витамин Ц и калиум, а сето тоа го поддржува кардиоваскуларното здравје.
„Јаболката имаат низок гликемиски индекс, а конзумирањето на таква храна помага да се намали ризикот од дијабетес и холестерол, што пак помага да се намали ризикот од кардиоваскуларни болести“, објасни д-р Вивек.
Кардиологот Сушант Каир консумира банани за здравјето на срцето.
,,Бананите се добар извор на диетални влакна, витамин Ц, витамин Б6, калиум, магнезиум и антиоксиданси. Овие хранливи материи не само што го поддржуваат срцето, туку му помагаат и на телото на други начини. Диететските влакна го помагаат варењето, витаминот Ц го зајакнува имунолошкиот систем , а витаминот Б6 е важен за развојот на мозокот и нервите“, нагласи тој.
Овошјето е особено корисно за здравјето на срцето бидејќи содржи многу витамини и минерали.
„Се проценува дека 80 проценти од смртните случаи може да се спречат преку исхрана и начин на живот“, вели д-р Гелбман.
Американското здружение за срце препорачува четири порции овошје дневно како дел од здрава, урамнотежена исхрана.