Појадок е оброк кој многу лекари, диететичари и нутриционисти препорачуваат да не се избегнува поради неколку причини, а една од нив е одржување на нивото на крвниот притисок во нормални граници. Диетата може да влијае на многу работи кога е здравјето во прашање, а група кардиолози за Парада открија зошто е важна и каква храна треба да консумирате доколку сакате да го намалите крвниот притисок.
„Веруваме дека хранливо богатиот појадок го подобрува здравјето на срцето, вклучително и регулирањето на крвниот притисок, преку неколку механизми“, вели кардиологот Др. Ченг-Хан Чен. Тој додава:
,,Појадокот помага да се регулира контролата на шеќерот во крвта и го спречува прејадувањето подоцна во текот на денот. Исто така, веруваме дека појадокот го спречува зголемувањето на нивото на хормонот на стресот, што може да го зголеми крвниот притисок“.
Покрај храната што ја јадеме за појадок, подеднакво важно е и времето кога го правиме тоа. Кардиологот др. Нил Д. Шах тврди дека времето на појадок е важно бидејќи „се усогласува со природните ритми на телото, познати како деноноќни ритми, кои го регулираат крвниот притисок и метаболизмот“.
Кое е најдобро време да појадувате ако сакате да го намалите крвниот притисок?
Како што известува Парад, повеќето кардиолози препорачуваат да појадувате во рок од еден до два часа по будењето.
“За одржување на здрав крвен притисок и исхрана, важно е денот да се започне на вистински начин. Појадувањето во рок од еден до два часа по будењето може да го постави нутритивниот тон за остатокот од денот”, објаснува интервентниот кардиолог др. Сервер Бредли.
Друг кардиолог додава дека времето за појадок не е толку поврзано со одреден дел од денот колку што е поврзано со вашиот личен ритам по будењето.
„Клучна е конзистентноста при одредувањето на времето за појадок, препораката обично е во рок од еден до два часа по будењето“, додаде др. Рипл Хансалија. Иако доследноста во времето за појадок може да изгледа како непотребна посветеност, разбирањето на резонирањето зад оваа препорака може да ве мотивира да размислувате поинаку.
„Дневните метаболички ритми на телото се регулирани од внатрешниот часовник, кој е под влијание на времето на оброци. Промените во вообичаеното време на оброци, како што се прескокнување оброци или јадење за време на спиењето, може да влијаат на развојот на кардиометаболни заболувања“, тврди д-р. Чен.
Предлози на кардиолог за хранливо богат појадок
Јадењето храна не е важно само за здравјето на срцето и крвниот притисок, туку влијае на енергијата, расположението, проактивноста и други фактори. Токму затоа е важно покрај времето кога појадувате, да јадете и храна која позитивно ќе влијае на вас.
д-р. Сервер препорачува за појадок да комбинирате храна богата со магнезиум (овошје и зеленчук), калиум (овошје и зеленчук), протеини (јајца), здрави масти (авокадо и јаткасти плодови) и влакна (зеленчук), пренесува Parade.
Тој, исто така, советува да избегнувате едноставни јаглехидрати (како засладени житарки) и храна богата со натриум. Американското здружение за срце препорачува ограничување на дневниот внес на сол на 2.300 mg, идеално 1.500 mg, за поздрав крвен притисок.