Касами: Постои тенденција за појава на меѓуетнички конфликти низ целата земја

Имаме информации дека во предизборниот период постои тенденција за појава на меѓуетнички конфликти низ целата територија, особено во западниот дел од земјата, информираше денес градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Според него, ова е особено случај во западниот дел, каде што мнозинството се Албанци со посебен акцент во Тетово.

„Добивме информации од наши роднини и пријатели од соседните земји дека има обиди да се ангажираат некои луѓе или групи да ја запалат џамијата на Попова Шапка. Ова би бил доволен показател дека нешто не е во ред во земјата. Затоа ги собираме сите такви информации и во наредниот период ќе ги споделиме со нашите земји-партнери, бидејќи како членка на НАТО, секој безбедносен ризик во Македонија е безбедносен ризик за земја-членка на НАТО. Затоа сите земји претставени во Македонија преку своите амбасади се заинтересирани да ни помогнат и да не дозволат некои политички фактори да ги користат овие елементи за политичка добивка во овој предизборен период“, рече Касами.

Според него, постои соработка со безбедносните служби за спречување на какви било инциденти.

„Ни велат дека треба да бидеме попаметни, повнимателни, бидејќи има такви обиди. Затоа во овој период повикуваме да нема големи собири на луѓе без да се информираат државните институции, особено навивачките групи. Ваквите упатства се даваат за безбедносните служби да не дозволат собирање на поголеми групи млади луѓе, бидејќи во оваа ситуација може да постои ризик од повторување на непријатни ситуации како во неодамнешното минато“, рече Касами.

Касами ја сподели оваа информација по денешниот настан, на кој Општина Тетово ја промовираше стратегијата за развој на туризмот во следните четири години, со акцент на развојот на агротуризмот, поточно руралниот туризам во селата Попова Шапка.