– Ако сметате дека Договорот од Преспа е предавнички, еве Ви шанса да го поништите, но нема да го сторите тоа, бидејќи Договорот е она што го посакувавте како партија, му порача лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и воедно му посочи дека им должи извинување на народот, на Ципрас и на Коѕијас.
За време на предизборниот митинг во Солун во пресрет на европските избори на 9 јуни, Каселакис говореше за сите актуелни теми во Грција, но и за прашањата во грчката надворешна политика, осврнувајќи се и на Договорот од Преспа.
-Испраќам јасна и едноставна порака до премиерот. Договорот од Преспа е билатерален. Ако продолжувате да сметате дека е предавнички, постои само еден начин. Да го сторите она што го кажуваа вашите претставници, а многумина од нив сè уште го кажуваат: „Ако ВМРО ни даде шанса, ќе го поништиме договорот“. Ова го кажуваа. Истото го посакуваат и т.н. „борци за Македонија“ што ги вадевте на улица и се ваши гласачи: Да го поништите. Па, еве го Скопје, отидете. Да видиме. Но, нема да го сторите тоа. И знаете зошто нема да го сторите тоа? Бидејќи Договорот од Преспа е тоа што го сакавте како партија, но тогаш Груевски во никој случај не прифаќаше да направи толку отстапки, како што направија пред Владата на СИРИЗА, пред Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, истакна Каселакис.
Додаде дека ако актуелниот грчки премиер има намера да го почитува Договорот од Преспа „како национално корисен“, постојат два морални предуслови, да му се извини на грчкиот народ, но и на поранешниот премиер Ципрас и поранешниот шеф на дипломатијата Коѕијас.
-Прво, ќе му се извините на грчкиот народ за омразата, поделбата, нетолерантноста што ја негувавте за да ја добиете премиерската фотелја, викајќи против Договорот, со кој се согласувавте. Второ, ќе им се извините на двајцата луѓе на кои им залепивте етикета на „национален предавник“ во време кога ја вршеа нивната патриотска должност, Алексис Ципрас и Никос Коѕијас. Тоа се морални предуслови господине премиере. Јас немам илузии дека ќе го сторите тоа, посочи лидерот на СИРИЗА.
Каселакис им се обрати на жителите на северна Грција, на грчката област Македонија кои се против Договорот, велејќи им дека Нова демократија ги искористи, бидејќи „сега моли да се почитува Договорот од Преспа“.
-Сакам од сè срце да им се обратам на сите граѓани на Македонија, кои не се согласуваат со Договорот од Преспа. Ве почитувам, не се согласуваме, но никогаш не ве излажавме. Искрени сме со вас. Ова е нашата позиција. Знаете кои сме. Но, оние кои ги гласавте ве излажаа, ве искористија, ви го зедоа гласот, ве изведоа на улица и сега молат за почитување на Договорот. Ова се нарекува апсолутно исмејување, додаде Каселакис.