Индија соопшти дека ги истражува сите правни опции откако судот во Катар осуди осум поранешни офицери на индиската морнарица на смрт поради неодредени обвиненија. Извештаите велат дека осум мажи кои работеле со приватна компанија во Катар биле уапсени под обвинение за шпионажа минатата година.
Ниту Катар ниту Индија не ги открија конкретните обвинувања против нив. Вчера индиската влада соопшти дека е „длабоко шокирана“ и дека ќе разговара за пресудата со катарските власти. Министерството за надворешни работи на земјата објави дека чека детална пресуда и дека му придава „големо значење на овој случај“ и дека „внимателно го следи“.
Милиони Индијци живеат во Арапскиот Залив
„Ние сме во контакт со членовите на семејството и правниот тим и ги истражуваме сите правни опции“, соопшти Министерството, додавајќи дека нема да дава дополнителни коментари поради „доверливоста на постапката во овој случај“. Милиони Индијци живеат во Арапскиот Залив, каде што работат како полуквалификувани и неквалификувани работници со ниски плати.
Овие печалбари одиграа клучна улога во градењето на економиите на арапските држави од Персискиот залив, а претставуваат и важен извор на приход за Индија, пишува Би-Би-Си .