„Владата нема да отстапи од изнаоѓање финално решение за неформалните собирачи на отпад. Ова се група граѓани кои имаат права како и сите други во државата. Време е нивното прашање да се реши и тие да го добијат статусот што го заслужуваат“, кажа денеска министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Како што истакна Шукова, имало обиди во минатото преку јавните комунални претпријатија оваа група граѓани да се вклучи во формалниот систем, но процесот оди многу тешко.
„Тоа не значи дека ќе отстапиме и дека нема да се обидеме во рамки на регионалните системи за управување со отпад да најдеме финално решение овој неформален сектор да стане дел од формалниот. Тоа е група граѓани која, секако, има права како и сите други во оваа држава. Навистина е време и ова прашање да се реши и оваа група граѓани да го добие статусот што го заслужува и да бидат дел од формалниот сектор“, истакна Шукова, одговарајќи на прашање по обраќањето на конференцијата „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“ што ја организира ЦИВИЛ.
На прашањето за собирачите на отпад се надоврза и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој исто така учествуваше на конференцијата.
„Тие се неформални зашто можеби немаат доволно доверба во системот и доверба дека нема да бидат оставени сами ако станат дел од формалните собирачи. Тоа е целокупно менување на нашиот начин како пристапуваме кон одредени проблеми“, кажа Битиќи.