Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, информира дека се уште ги чекаат лабораториските анализи од отпадот во депонијата во Орман и дека очекува најдоцна до понеледник да бидат готови. Најави дека во овој случај ќе бидат изречени парични казни и најверојатно и кривични пријави за прекршителите. Посочи дека процесот веќе оди во таа насока.
„Лабораториските анализи уште ги чекаме, за жал. Секој ден сме во контакт со лабораторијата, заедно со Државниот инспекторат за животна средина. Ветија дека ќе ги имаме најдоцна до понеделник. Утврдивме дека таму има незаконски дејствија. Носена е згура од Пробиштип во Скопје и оној што го направил прекршокот прво ќе го санира местот, а и ќе плати за прекршокот. Нема да дозволиме во иднина повторно истата активност да се случува не само во Скопје, туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи, какви активности имало, само чекаме за каков тип на отпад станува збор“, порача министерката на денешната најавна прес-конференција за отпочнување на годинешната акцијата за пошумување – Пошумуваме заедно 2023.
Не би сакала, додаде, да шпекулирам додека не ги добиеме резултатите, но мислам дека во понеделник ќе ги има и Државниот инспекторат за животна средина заедно со Министерството ќе ја информира јавноста.
На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од сопственикот на отпадот, Каја Шукова истакна дека во моментов не може да даде други податоци бидејќи, како што кажа, целата оваа постапка се води од Градот Скопје, а не од државата.
„Не можам во моментов да ви кажам, бидејќи Градот Скопје ја води постапката, а не државата. Таа е во локална надлежност. Слушнавме дека станува збор за приватен плац, а дали станува збор за лице или фирма, тоа во моментов не можам да ви кажам, бидејќи на увид не беше Државниот инспекторат, туку локалниот инспекторат. Кога ќе има информации Градот Скопје, мислам дека соодветно ќе ја информира јавноста. А ако им треба помош, во секое време може да се обратат до Државниот инспекторат за соодветна помош“, вели таа.
Каја Шукова нагласи дека Минисерството во 2020 година од својот буџет одвоила 20 милиони денари за чистење на депонијата во Визбегово, иако се расчиствува, како што кажа, граѓаните постојано ја наполнуваат депонијата со отпад.
„Министерството во 2020 година од својот буџет одвои 20 милиони денари кои што ги даде на Градот Скопје и на Јавното комунално претпријатие за таа депонија да се исчисти. Исчистена беше површината и точно се знае површината, но сега во моментов ги немам бројките пред мене. Меѓутоа во овие години, за жал, таа повторно стана нелегална депонија. За жал, граѓаните повторно ја наполнија депонијата. Имаме и еден случај во последните денови, кој е ингеренција на Градот Скопје и знам дека излегоа на увид и таму има на некој приватен посед каде што се носи и се создаваат количини на отпад и тоа е неоправдано и спротивно на законот. Ги охрабрувам Градот Скопје и Инспекторатот да се реши овој случај соодветно, бидејќи не можеме да дозволиме во било кои средини, а особено во градските средини да создаваме диви депонии кои влијаат сериозно на здравјето на граѓаните“, вели таа.