Кети Пери и Орландо Блум потврдија дека се разделуваат по речиси 10 години врска

По многу шпекулации, Кети Пери и Орландо Блум потврдија дека се разделиле по речиси 10 години врска.

Двојката објави дека одлучиле да ја променат природата на својата врска и дека во иднина ќе се фокусираат исклучиво на заедничко родителство.

„Поради големиот интерес и бројните разговори околу врската на Орландо Блум и Кети Пери, потврдуваме дека Орландо и Кети ја променија природата на својата врска во последните месеци и се фокусирани исклучиво на родителството. Тие ќе продолжат да се сметаат за семејство како што е и секогаш ќе биде нивниот заеднички приоритет – одгледување на нивната ќерка со љубов, стабилност и меѓусебно почитување“, изјавија нивните претставници за Page Six.

Гласините за раскинувањето почнаа да кружат минатата недела, а набргу потоа, Орландо Блум се огласи на социјалните мрежи за да наговести дека поминува низ емоционално предизвикувачки период. Во своите објави, тој сподели цитати од познатиот швајцарски психијатар Карл Јунг, меѓу кои се издвојуваше мислата: „Осаменоста не доаѓа од тоа што немате луѓе околу себе, туку од тоа што не можете да комуницирате со луѓе кои ви изгледаат важни“.

Во друга објава, тој изјави: „Дури и среќниот живот не може да биде без доза на темнина, а зборот среќа би го изгубил своето значење ако не е избалансиран со тага“.

Како што претходно им соопштија извори блиски до двојката на странските медиуми, раскинувањето се случило минатиот месец. Тие изјавија дека Кети била емоционално погодена, но во исто време и донекаде олесната бидејќи не морала да помине низ уште еден развод, што, според изворите, било едно од најтешките искуства во нејзиниот живот. Тие додадоа и дека врската меѓу Пери и Блум била затегната веќе некое време и дека раскинувањето е неизбежно.

Кети Пери и Орландо Блум ја започнаа својата врска во 2016 година, по забавата по доделувањето на Златните глобуси. Три години подоцна, тие се свршија, а во 2020 година станаа родители на девојче, Дејзи Дав.