Киа укинува уште еден популарен модел

Љубителите на оваа големина на автомобил наскоро може да останат без опции.

Откако Ford го потврди заминувањето на Fiesta, а крајот му се „насмее“ на Volkswagen Polo, понудата во сегментот Б е сѐ поскромна. Најновиот „дезертер“ доаѓа од Kia, а тоа е симпатичниот Рио.

Kia Rio е корејски субкомпакт кој се нуди на европскиот пазар од почетокот на милениумот. И додека првата генерација не беше сериозен конкурент, со доаѓањето на втората генерација во 2005 година работите станаа значително поинтересни. Сега актуелната четврта генерација беше лансирана во 2017 година, која, се чини, ќе биде и последна.

Како што дознава Autocar, Kia до крајот на годината ќе го повлече Rio од понудата, а како замена ќе остане кросоверот Stonic. Минатата година Kia продаде 32.506 примероци од моделот Rio, што е намалување за 9% во однос на претходната година.

Сепак, од Kia велат дека малите автомобили имаат иднина. „Покрај развојот на Rio, Kia останува целосно посветена на малите автомобили од А и Б сегментот“, изјавија тие за британскиот магазин.