Русија втора ноќ по ред изврши неколку бранови напади со беспилотни летала врз Киев, соопшти градската воена управа. Украинската воздушна одбрана уништила 15 од 20 беспилотни летала што Русија ги лансирала синоќа во Украина, соопшти украинското воздухопловство.
Првиот човек на воената управа на Киев, Сергеј Попко, објави дека руски беспилотни летала биле лансирани во неколку групи и дека тие го нападнале Киев брановидно, од различни правци.
Поради ова, неколку пати во главниот град било издадено предупредување за воздушен напад.
Сергеј Попко во објава на социјалната мрежа Телеграм вели дека, според прелиминарните информации, украинските системи за противвоздушна одбрана погодиле околу 10 беспилотни летала од иранско производство во Киев и неговите предградија.
„Непријателските беспилотни летала беа лансирани во многу групи и го напаѓаа Киев во бранови, од различни правци, притоа постојано менувајќи ги векторите на движење долж рутата“, вели Сергеј Попко.
Тој изјави дека засега нема извештаи за „критична штета“ или жртви.
Медиумската агенција Reuters не можеше да ги потврди овие извештаи од независни извори, а немаше коментар ниту од Русија.