Кина најави санкции против пет американски компании поврзани со одбранбената индустрија како одговор на американските испораки на оружје за Тајван и американските санкции против кинески компании и поединци.
Компаниите погодени од кинеските санкции се BAE Systems Land and Armament, Alliant Techsystems Operation, AeroVironment, ViaSat и Data Link Solutions.
Санкциите ќе ги замрзнат имотите на компаниите во Кина и ќе им забранат на кинеските организации и поединци да имаат бизнис со нив, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се вели дека дејствијата на САД му наштетиле на суверенитетот и безбедносните интереси на Кина, ги поткопуваат мирот и стабилноста во областа на Тајванскиот теснец и ги нарушуваат интересите на кинеските компании и поединци.
-Кинеската влада останува цврста во нашата решеност да го заштитиме националниот суверенитет, безбедност и територијален интегритет и да ги заштитиме легитимните права и интереси на кинеските компании и граѓани, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Кина го смета Тајван за отцепена провинција која мора да биде под контрола на Пекинг во одреден момент во иднина.