– Кина денеска ги предупреди Филипините да не си „играат со оган“ во врска со прашањето за Тајван и да престанат да испраќаат погрешни сигнали до сепаратистичките сили на островот.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовен брифинг со новинарите рече дека честитките на филипинскиот претседател Фердинанд Маркос до новоизбраниот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те сериозно го прекршиле принципот на „една Кина“ и декларацијата за воспоставување дипломатски односи меѓу Пекинг и Манила, јави кинеска новинска агенција.
Мао истакна дека оваа честитка претставува и грубо мешање во внатрешните работи на Кина.
„Кина силно се спротивставува на ова и вложи силен протест до Филипините“, рече Мао, истакнувајќи дека помошник – министерот за надворешни работи Нонг Ронг изутрината упатил демарш до филипинскиот амбасадор во Кина и ја повикал филипинската страна да даде објаснување за честитката на Маркос.
„Изборните резултати во Тајван нема да ја променат основната шема и насока на развој на односите и нема да го запрат општиот тренд на конечно и неизбежно обединување на Кина“, посочи Мао.
Таа му предложи на филипинскиот претседател да чита повеќе книги за, како што рече, правилно да ги разбере деталите за проблемот со Тајван и од тоа да ги извлече вистинските заклучоци.