Странските инвестиции во првиот квартал од годинава изнесуваат 20 милијарди долари. Минатата година – пет пати повеќе
Бруто домашниот производ (БДП) на Кина порасна за 5,5 отсто на годишно ниво во првата половина од оваа година, покажуваат податоците на Националното биро за статистика (НБС) објавени во понеделникот, пренесува Ксинхуа. БДП порасна на околу 8,3 трилиони (илјада милијарди) американски долари. БДП порасна за 6,3% на годишна основа, соопшти НБС.
Волстрит журнал ја објави веста под наслов „Кинеската економија едвај порасна во вториот квартал“. Американскиот деловен дневен весник поинаку гледа на бројките, толкувајќи дека растот бледне во однос на првиот квартал, само 0,8%. Првиот квартал во однос на минатата година порасна за 2,2%, што укажува на забавување на кинеската економија.
Пресврт во извозот
„Резултатот ја одразува слабата продажба на мало, пригушените инвестиции во приватниот сектор и пресвртот во извозот, кој го поттикна растот за време на пандемијата „Ковид-19“, но сега страда од повисоки каматни стапки“, објаснува WSJ. Пазарите ги прочитаа податоците како и WSJ, со што азиските акции беа пониски бидејќи инвеститорите беа разочарани од побавниот од очекуваниот раст на кинеската економија. Европа го следеше падот на кинеските вредности.
Чајна дејли анализира дека кинеското индустриско производство со додадена вредност, мерка за активност во производствениот, рударскиот и комуналниот сектор, се зголемила за 4,4 отсто во јуни во однос на претходната година, откако порасна за 3,5 отсто во мај. Додавајќи дека во првата половина од годинава индустриското производство со додадена вредност е зголемено за 3,8 отсто во однос на истиот период лани, додека во првиот квартал е зголемено за 3 отсто во однос на претходната година.
Притисок врз креаторите на политики
Ројтерс известува дека кинеската економија пораснала со слабо темпо во вториот квартал бидејќи побарувачката ослабела дома и во странство, а тоа се должи на тоа што моментумот на Ковид се намалува. Сето ова го зголемува, наведува агенцијата, притисокот врз креаторите на политиките да обезбедат повеќе стимулации за зајакнување на активностите.
Ова е насока која јасно се гледа во кинескиот државен врв, па Глобал тајмс пишува дека Кина „со воведување повеќе политики за поддршка, е способна да постигне годишен раст од околу 5 проценти оваа година, како и стабилен и одржлив висококвалитетен развој во иднина, а кинеската економија ќе продолжи да биде клучен двигател на светската економија“.
Агенцијата Блумберг не го дели тоа мислење и пишува дека „губењето на динамиката во економското закрепнување на Кина ја става на ризик целта за раст што ја постави Партијата оваа година, зголемувајќи ја загриженоста за глобалното економско забавување“.
Во подкастот на „Њујорк тајмс“, „Дејли“ беше споменато дека во првиот квартал странските инвестиции во Кина изнесувале 20 милијарди долари. Минатата година во исто време оваа бројка беше – 100 милијарди, што пред 5 дена Wall Street Journal го опиша со наслов: „Си го задуши клучниот мотор на кинеската економија“.
Aзиска реторика
Фу Лингхуи, портпаролот на НБС признава дека „во првата половина од оваа година, во услови на тешкото и сложено меѓународно опкружување и тешките задачи за реформи, развој и стабилност дома, сите региони и одделенија вложија големи напори да се стабилизираат растот, вработеноста и цените“.
Зад азиската реторика, Пекинг ја крие реалноста на економските проблеми со кои се соочува државниот врв, а забавувањето на кинеската економија би претставувало дополнителен притисок врз глобалната економија, која се соочува со каматна војна на Запад во борбата против инфлацијата. Добрата вест е намалувањето на инфлацискиот притисок во САД. Кинеската инфлација речиси и да не постои, 0% во јуни (во мај беше -0,2%) што исто така не е добар сигнал поради заканата од дефлација.
Податоците на NBS покажуваат дека потрошувачите уште се посклони да заштедат пари. Продажбата на мало се зголеми за само 0,2% во јуни во споредба со мај, што е знак дека домаќинствата се претпазливи во трошењето. Економистите велат дека нивната претпазливост ја одразува загриженоста за работните места и пошироката економија, како и долготрајните лузни од пандемијата, како што се изгубените приходи и работни места. Негативно искуство има и поради кризата во секторот недвижности, која се уште трае.
„Кинеската економија очигледно се колеба“, изјави за WSJ Есвар Прасад , професор по трговска политика и економија на Универзитетот Корнел и поранешен шеф на одделот за Кина на Меѓународниот монетарен фонд. Тој рече дека бројките ја нагласуваат потребата од поголем стимул за побрз раст, како и промени во политиката за да се заживее довербата во приватниот сектор во Кина и да се поттикне побрз раст на продуктивноста.
Кризна точка која наскоро може да почне да врие е невработеноста на младите на возраст од 16 до 24 години, која систематски се зголемува и сега е запрена на 21,3% (во мај беше 20,8%): една петтина од младите не работат, нема работа за генерацијата што добива дипломи. Студентското востание на централниот плоштад Тјенанмен во Пекинг во 1989 година беше мотивирано од економски, а не од политички причини, а за тоа е свесно и партиското раководство.