Кина му возврати на Трамп со царини до 15 % за одредени производи од САД

Кина денес објави дека следната недела ќе воведе царини за одредени американски производи, јавија кинеските медиуми.

Пекинг ќе воведе царини од 10 % до 15 % за некои американски производи почнувајќи од 10 февруари, објави „Саут чајна морнинг пост“.

Во меѓувреме, кинеската државна администрација за регулирање на пазарот соопшти дека започнала официјална истрага против американскиот технолошки гигант Гугл поради сомненија за кршење на кинескиот Закон за антимонопол.

Развојот на настани доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе царина од 10 отсто за увозот од Кина.

Пекинг ги критикуваше тарифите и вети дека „одлучно ќе ги брани своите права“ со поднесување жалба до Светската трговска организација и преземање „соодветни контрамерки“. Пекинг соопшти дека ќе применува царини од 15 отсто за јаглен и течен природен гас, како и тарифи од 10 отсто за сурова нафта, земјоделски машини и големи автомобили. „Едностраното зголемување на царините на САД сериозно ги крши правилата на Светската трговска организација“, се вели во соопштението.

„Ова не само што нема да помогне во решавањето на сопствените проблеми, туку и штети на нормалната економска и трговска соработка меѓу Кина и САД“.