Националното истражување во Кина покажа дека земјата има доволно ториум за да ги задоволи своите потреби за енергија речиси засекогаш.
Само овој радиоактивен метал може да го револуционизира глобалното производство на енергија, ставајќи крај на зависноста на светот од фосилните горива, рече еден експерт.
Според декласифицираниот извештај во кој се детализирани истражувањата завршени во 2020 година, кинеските резерви на ториум, веќе познати како најголеми во светот, всушност би можеле далеку да ги надминат претходните проценки.
Само пет години рударски отпад од наоѓалиште на железна руда во Внатрешна Монголија содржи доволно ториум за да ги задоволи енергетските потреби на американските домаќинства повеќе од 1.000 години, се вели во извештајот објавен во кинеското списание Геолошки преглед во јануари.
Ако целосно се искористи, рударскиот комплекс Бајан Обо би можел да даде милион тони ториум – доволно за да ја храни Кина 60.000 години, според некои научници.
„Повеќе од еден век, земјите водеа војни за фосилните горива. Излегува дека бесконечен извор на енергија лежи токму под нашите нозе“, изјави геолог од Пекинг за South China Morning Post, барајќи анонимност бидејќи за дискусијата за наоѓалишта на минерали потребно е овластување.
Ториумот е радиоактивен метал кој припаѓа на групата актиниди и се наоѓа во Земјината кора во значителни количини. Овој елемент (со хемискиот симбол Th и атомски број 90) е многу позастапен од ураниумот и може да се најде во минералите како моназит и торит.
Неговата главна предност во однос на конвенционалните нуклеарни горива е стабилноста и поголема безбедност при примена. За разлика од ураниум-235, ториумот-232 не е директно фисилен, но може да се претвори во фисилен ураниум-233 преку процесот на нуклеарна трансмутација, што го прави корисно гориво за реакторите.
Ториумот може да се користи во нуклеарни реактори од четвртата генерација, особено во реактори со течна сол (LFTR – Liquid Fluoride Thorium Reactor), каде што се раствора во стопени флуоридни соли, овозможувајќи побезбеден и поефикасен процес на фисија.
Таквите реактори нудат голем број на предности во однос на традиционалните нуклеарни централи – тие произведуваат помалку радиоактивен отпад, не можат да доживеат нуклеарно топење и се значително побезбедни бидејќи не користат високо збогатен ураниум или плутониум, што исто така го намалува ризикот од нуклеарно оружје.
Бидејќи ториумот постои во големи количини ширум светот и може да обезбеди енергија за долг временски период, многу научници го сметаат за клучен за иднината на чиста и одржлива нуклеарна енергија.