– Кина и Куба во моментов се ангажирани во преговори за формирање на заеднички воен објект за обука на островот.
Ова предизвика загриженост во Вашингтон, поради можноста од потенцијалното распоредување на кинески трупи во регионот.
Повикувајќи се на сегашни и поранешни американски функционери, „Волстрит џурнал“ објави дека администрацијата на Бајден започнала контакт со кубанските претставници во обид да го спречи продолжувањето на плановите.
Во извештајот, исто така, се вели дека дискусиите во врска со формирањето на објектот на северниот брег на Куба достигнале напредна фаза, но тие сè уште не се финализирани.
„Волстрит џурнал“ претходно овој месец објави дека Куба се согласила таму да биде поставена кинеска база за прислушкување во замена за милијарди долари. Извештајот брзо беше демантиран и во Хавана и во Пекинг, како и во Вашингтон, каде што администрацијата на Бајден го нарече неточен.
Меѓутоа, минатата недела државниот секретар Ентони Блинкен рече дека Кина ги надградила своите капацитети за собирање разузнавачки информации во Куба во 2019 година.
Американскиот државен секратар за време на прес-конференцијата во Лондон беше запрашан за неговото мислење за извештајот на весникот за заедничкиот центар за воена обука.
„Ова е нешто што ќе го следиме многу, многу внимателно, и бевме многу јасни во врска со тоа. И ќе ја заштитиме нашата татковина, ќе ги заштитиме нашите интереси“, рече Блинкен.
Блинкен во неделата и понеделникот беше во посета на Кина, каде што се состана со претседателот Ши Џинпинг и други високи претставници.