– Кина денеска објави дека воспоставува дипломатски односи со Хондурас.
„Кина и Хондурас воспоставија дипломатски односи“, објави на Твитер портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг.
Воспоставувањето дипломатски односи со Хондурас, чии власти најавија дека ги прекинуваат врските со Тајван, е дипломатска победа за Пекинг.
„Кинеската Влада воспостави дипломатски односи со Хондурас“, јави денеска и кинеската државна телевизија.
Кинескиот министер за надворешни работи Чјин Ган и министерот за надворешни работи на Хондурас Едуардо Енрике Рејна потпишаа заедничко коминике во Пекинг за воспоставување дипломатски односи на амбасадорско ниво.
„Владите на двете земји се согласија да развиваат пријателски односи засновани на принципите на взаемно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, меѓусебно ненапаѓање, немешање во внатрешните работи, еднаквост, взаемна корист и мирен соживот“, се наведува во потпишаниот документ.