Кина: Хуманоидни роботи со вештачка интелигенција го одиграа првиот фудбалски натпревар во светот

– Хуманоидни роботи со вештачка интелигенција го одиграа првиот целосно автономен фудбалски натпревар 5 против 5 (5v5) во светот за време на прелиминарните натпревари за Светските игри на хуманоидни роботи во Пекинг, објави државниот весник „Глобал тајмс“.

Претходните настани беа ограничени на игри 3v3. Во новиот формат секој тим имаше двајца напаѓачи, двајца дефанзивци и голман. Роботите сами се позиционираа на почетокот на натпреварот, а потоа почнаа со играта, да си додаваат топка и да шутираат без човечка контрола.

Некои од нив паднаа за време на средбата, но брзо се кренаа и продолжија да играат. Публиката го поздравуваше секој гол. Натпреварот траеше 40 минути, поделен на две полувремиња по 15 минути и пауза од 10 минути.

Правилата на натпреварувањето се запишани на речиси 70 страници. Иако е сличен на човечкиот фудбал, тој овозможува повеќе физички контакт и вклучува приспособувања специфични за роботите. На пример, по слободен удар, противниците мора да почекаат 10 секунди пред да се спротивстават за да ѝ дадат време на вештачката интелигенција да ги изврши акциите.

Светските игри за хуманоидни роботи започнаа во Пекинг и ќе траат три дена. На игрите ќе учествуваат 280 тима од 16 земји со повеќе од 500 роботи. Вкупно 538 настани се закажани во 26 спортови, вклучително фудбал, атлетика и гимнастика.

Игрите следуваат по првиот фудбалски натпревар со вештачки роботи на 27 јуни што се одигра во Пекинг, на кој играа тимови 3 против 3 (3v3).