Кинескиот град кој буквално живее во височините: Има површина колку Австрија, 32 милиони жители и осум димензии

Кога првпат го посети кинескиот град Чонгкинг во ноември минатата година, Џошуа Гуви се грижеше дека ќе го види градот што го виде на социјалните мрежи, град што не може да биде кул во реалниот живот.

Чонгкинг се наоѓа во планините на југозападна Кина и е препознатлив по својата природна и урбана структура, поради што се нарекува 8D град (град со осум димензии). Целата негова површина е со големина на Австрија. Со оглед на тоа што неговата географија во голема мера била обликувана од планини и дека брзо се развивал економски, немало друга опција освен да расте нагоре. Ова е толку изразено што возот буквално поминува низ една од зградите.

За некои жители и туристи, забавно е да талкаат по градските серпентини.

„Градот всушност ги надмина моите очекувања“, рече Гуви, Канаѓанец кој ги објавува своите видеа од патувањата на YouTube.

Растечка туристичка дестинација

Гуви го започнал своето патување во Шангај, но набрзо посакал да доживее еден поавтентичен кинески град.

„Во Шангај, слушнав некои луѓе како зборуваат за Чонгкинг. Шангај е неверојатен град, но ме интересираше да видам една поавтентична Кина, нешто различно од Шангај, каде што сè уште можете да се снаоѓате на англиски јазик“, рече тој.

Тој не е единствениот што ги заобиколи Пекинг, Сиан и другите кинески градови за да го посети Чонгкинг. Туризмот во овој град почна брзо да се развива по укинувањето на мерките против пандемијата на коронавирусот.

Социјалните мрежи се главниот начин на кој помладите луѓе дознаваат за овој град. Влијанието на социјалните мрежи се покажува и со фактот дека видеото на кое се прикажува зграда каде што мислите дека сте на приземје, а всушност сте на 12-ти кат, имало 17 милиони прегледи на Инстаграм.

Според официјалните бројки, градот минатата година го посетиле 1,3 милиони туристи, што е за 184 проценти повеќе во однос на претходната година. Понатаму, во првите два месеци од оваа година, 60 проценти повеќе странски државјани влегле во градските пристаништа отколку во истиот период минатата година.

Со оглед на близината и прифатливата цена на авионските билети, поголемиот дел од туристите се од Југоисточна Азија, Јапонија и Јужна Кореја. Сепак, бројот на туристи од Европа и Австралија се зголемува. Всушност, најголемото зголемување на бројот на туристи е од Соединетите Американски Држави, што е импресивно бидејќи има само еден директен лет неделно од САД до овој кинески град.

Популарните туристички места вклучуваат старото градско јадро и планинските патеки, кои ги посетил светски познатиот јутјубер Спид. Покрај тоа, популарни се и напуштената воена нуклеарна централа, камените резби Дазу и трите големи, природно формирани камени мостови Вулонг, познати и од филмот „Трансформерс 4“.

„Сајберпанк сон“

Архитектурата на Чонгкинг е причината зошто се нарекува киберпанк, што е поджанр на научна фантастика што одразува угнетувачко општество доминирано од компјутерската технологија.

„Архитектурата на градот е единствена. Бетонот и планините, со многу индустриски дизајн, го прават да изгледа како футуристички филмски сет, а ноќе свети како вистински сајберпанк сон“, рече 34-годишниот Американец Метју Блер, кој се пресели во градот во 2009 година.

Еден од показателите за тоа колку е архитектонски импресивен е тоа што на покривот на 22-катната зграда Куи Синг има голем квадрат. Мултидимензионалната структура на градот не е прашање на естетика, туку на неопходност. Причината за ова е тоа што, со своите 32 милиони жители, се протега преку клисури, падини и речни долини. Значи, конвенционалното урбанистичко планирање било неприменливо.

Животот е сложен и на неколку ката, што имплицира дека еден облакодер може да има влез на неколку ката – на првиот, 12-тиот или 20-тиот кат.

Важноста на градот

Како Пекинг и Шангај, Чонгкинг е еден од четирите градови на покраинско ниво директно управувани од централната влада. Тој е меѓу петте кинески градови со најголема економија. Се смета за центар што ги поврзува истокот и западот на земјата.

За време на Втората светска војна, тој бил воен главен град поради неговата географија, што го правело погоден за одбрана од непријатели. Наследството од военото време е составен дел од современиот секојдневен живот, што значи дека туристите можат да посетат еден од рестораните што се наоѓаат во засолништата од Втората светска војна.

Градот се развива екстремно брзо, а тоа се одразува на неодамна отворената импресивна станица за брза железница со површина од 1,22 милиони квадратни метри, што е површина од 170 фудбалски игралишта. Се верува дека ова е најголемата станица за брза железница во светот изградена во една фаза.

Впечатливоста на градот е и во неговото осветлување, што само по себе е туристичка атракција. Фактот дека туризмот во овој град е многу важен за Кинезите го покажува и фактот дека во врвот на туристичката сезона, владата преку СМС-пораки го повикува локалното население да остане дома за туристите да имаат повеќе простор, пишува CNN .