Планираме Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување на пациенти од главниот град, но и од Куманово и Велес, рече директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, презентирајќи го буџетот на Фондот за оваа година, нагласувајќи дека реорганизацијата на оваа болница е дел од владината стратегија за здравство.
Тој додаде дека идејата за изградба на нов клинички центар е отфрлена за да се земат предвид потребите на општеството.
„Нашата демографија опаѓа. Низ годините имаме опаѓање на населението, затоа мора да се погледне и бројот на осигуреници и пациенти. Дел од капацитетите на болниците низ државата не се користат правилно. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандардите за нешто повеќе, вклучително и универзитетска клиника, е „8 Септември““, рече тој.
Според него, „8 Септември“ има 150 метри квадратни по болнички кревет, наспроти старата градска болница која има нешто повеќе од 30 метри квадратни.