Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски во интервју за Сител ТВ денеска порача дека решение за проблемите во здравството има и тоа ќе го објават наскоро.
Како што вели првите два месеци ги поминале во средби со раководствата на здравствените установи и сите чинители во здравствениот сектор каде се констатирале ситуации на големи долгови и злоупотреби.
Тој додава дека имало злоупотреби на плати и надоместоци и тоа било констатирано со години наназад, но никој не реагирал досега.
„Директор користел патни трошоци од речиси 500.000 денари без документ, некои си зголемиле плати за 400.000 денари без основа, имаше измислени плати во некои институции. Ова има крај. Како пример, само за еден месец директорување на една болница надвор од Скопје со контрола на исплатите преку прекувремена работа имаме скратено трошоци за 30 илјади евра. Зборуваме за болница со многу помал капацитет од Скопје. Долговите не се секаде поради злоупотреби. Онкологија на пример, нема планирано соодветна терапија бидејќи со буџетот немало план за иновативни лекови и се задолжувале“, вели Клековски.
Тој е дециден дека терапија мора да има за сите на Онкологија.
„Целата програма на иновативни лекови на онкологија мора да ја има и ќе ја има. Една од најкрупните инвестиции ќе биде и на онкологија. После 10 години првпат се прави обнова на позитивната листа на лекови. Го отвораме Фондот за соработка со фармацевтските куќи кои треба да видат интерес во нашата нова политика и да понудат подобри услови“, порача Клековски.