Клековски: 12 од повредените во дискотеката „Пулс“ сè уште се на болничко лекување

Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, на денешната владина прес-конференција зборуваше за состојбата на повредените во пожарот во кочанската дискотека.

„Од 200 повредени во несреќата, 187 биле регистрирани за болничко лекување. Од нив, 116 биле лекувани во странство, а 71 во земјата. За жал, имало 59 смртни случаи, а тројца починале во болници во странство“, рече Клековски.

Тој истакна дека во моментов, 12 од повредените се на болничко лекување, од кои седум се во странство, а пет се во земјата. Еден од нив е во тешка состојба.

„Имаме 38 повредени лица кои примаат завои и слични третмани, четворица во „8 Септември“, 26 се во „Св. Наум Охридски“. Петмина се во Кочани, а тројца се во Систина. 46 лица се на физикална терапија, сите се во Кочани, можно е едно лице да е во „8 Септември“. Третманот со PRT (плазма со или без тромбоцити) се изведува кај 16 повредени лица и е супериорен третман за намалување на лузните од изгореници. Ги повикувам сите повредени лица кои имаат дилема, страв, да се обратат во „Св. Наум Охридски“ или во Клиниката за пластична хирургија – изјави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.

Тој рече дека пациент со тешки изгореници имал значително подобрување на состојбата по еден месец третман со плазма.