Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој беше поврзуван со селекторското место во германската фудбалска репрезентација, се произнесе околу назначувањето на Јулијан Нагелсман за нов предводник на „панцирите“.
Триесет и шестгодишниот Нагелсман постигна договор со Гермаскиот фудбалски сојуз да ја води репрезентацијата до крајот на Евро 2024 година.
- Мислам дека Јулијан е одлична одлука бидејќи е одличен тренер. Би бил многу среќен доколку се се случи вака. Неговата возраст? Воопшто не е важно! Со 28 години веќе докажа дека е фантастичен тренер. Има осумгодишно искуство. За други, тоа се случува на 45 или 50 години. Ова воопшто не е критериум, истакна Клоп.
За тоа дека тој е именуван како еден од кандидатите за функцијата германскиот фудбалски стручњак вели дека неговите амбиции се повторување на успесите со „црвените“.
- Во моментов го градиме новиот Ливерпул. Сакаме навистина повторно да ги нападнеме титулите. Посветен сум на Ливерпул. Моето срце е овде. Не можете туку така да ги пречкртате тие осум години. Овде потпишав договор и, колку што се сеќавам, не бев условуван со ништо. Тоа беше слободна одлука. И затоа не се вклопувам со работата на селектор на репрезентацијата.
Клоп е во Ливерпул од 2015 година. Претходно работеше во Борусија Дортмунд и во Мајнц.