– Израелскиот Парламент (Кнесетот) денеска прелиминарно гласаше за предлог-законот што ќе им овозможи на пратениците да ги поништат одлуките на Врховниот суд на Израел со просто мнозинство.
Противниците на реформата предупредуваат дека со тој закон сериозно ќе биде нарушен демократскиот систем на контрола и рамнотежа на власта.
Денешното гласање е најновиот чекор на владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху кон реформите во правосудството кои напредуваат и покрај повиците на американските Евреи и претседателот на Израел за дијалог и постигнување консензус и протести на десетици илјади Израелци.
Нетанјаху и неговите сојузници, ултранационалистите и ултраортодоксните Евреи, настојуваат да усвојат низа закони кои значително ќе ги ограничат овластувањата на Врховниот суд.
Критичарите наведуваат дека со тоа ќе бидат загрозени демократските стандарди и дека власта ќе биде концентрирана во рацете на владејачката коалиција, односно дека Израел ќе стане нелиберална демократија.
Планот на Владата на Нетанјаху за реформи во судството предизвика жестоко противење на опозицијата, вклучувајќи и протести во Израел и во странство.
На почетокот на оваа недела, во прво читање беа усвоени предлог-законите со кои се дава контрола на владејачката коалиција врз назначувањето на судиите и да се лиши судот од разгледување на основните закони на неформалниот израелски устав.