Партиите на владејачката коалиција во Германија, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Зелените и Либерално-демократската партија (ФДП) постигнаа договор за контроверзните владини политички прашања поврзани со заштитата на климата.
„Средбата траеше долго, но мислам дека резултатите се добра основа за сè уште силна економија во Германија“, рече потпретседателот на СПД, Ларс Клингбејл по состанокот на коалицискиот одбор.
Тој рече дека по неочекувано долгата средба која траела повеќе од два дена, Владата постигнала договор за спорните прашања поврзани со зајакнувањето на инфраструктурата и зголеменото користење на обновливите извори на енергија.
За да се забрза изградбата на инфраструктурни проекти, се планира поедноставување на издавањето на потребните дозволи.
Потпретседателката на партијата Зелени, Рикарда Ланг изјави дека до 2017 година треба да се инвестираат 45 милијарди евра во реконструкција и проширување на железничката мрежа.
„Треба да се финансира со зголемување на патарините за товарните возила“, рече Ланг.
Таа додаде дека дел од средствата ќе бидат вложени во изградба на нови автопатишта, на што Зелените досега се противеа. За возврат, ќе биде задолжително поставување соларни ќелии покрај патиштата.
Одбиен е предлогот на министерот за транспорт Волкер Висинг (ФДП), кој се залагаше да се инвестираат еднакви средства во изградба на автопати и железници.
Министерот за финансии и претседател на ФДП, Кристијан Линднер рече дека целта на овие промени е да се трансформира економијата за да се постигнат климатските цели.
Истовремено, беше одбиен предлогот на министерот за економија и енергетика Роберт Хабек од Партијата на зелените, кој се залагаше за забрана за греење на гас и мазут.