Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски попладнево во Скопје се сретна со американскиот државен секретар Eнтони Блинкен при што била реафирмирана американската поддршка за членство на земјава во ЕУ, придонесот како НАТО-сојузник, а била поздравено и успешното претседавање со ОБСЕ.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата, Ковачевски и Блинкен уште еднаш ги истакнаа одличните односи меѓу двете земји и разговараа за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Северна Македонија на патот кон членството во Европската унија и спроведувањето на потребните реформи.
-На средбата, премиерот Ковачевски оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог, кој е значајно продлабочен преку стратешкото партнерсто на Северна Македонија и САД, се наведува во соопштението.
Ковачевски и Блинкен, се посочува, изразија обострано задоволство од започнувањето на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, кој се очекува дека ќе ги продлабочи пријателските односи, подобрување на взаемните политички, економски и други форми на дијалог, образовни и културни врски на двете земји.
-САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан. Државниот секретар посочи дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија во нејзините следни чекори кои треба да го обезбедат членството во ЕУ и искажа голема почит за храбрите и државнички одлуки кои Владата ги презема за исполнување на таа цел, се посочува во соопштението.
Државниот секретар, се додава, го поздрави успешното претседавање на Македонија со ОБСЕ и нејзиниот конструктивен пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата, стои во соопштението.
Американскиот државен секретар Блинкен ќе присуствува на неформалната вечера која му претходи на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој официјално почнува утре. Од Скопје Блинкен заминува за Израел.