Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска присуствуваа на овогодинешниот 55-ти меѓународен Саем на вино „Винитали“, кој се одржува од 2. до 5. април 2023 година во Верона, Италија.
Лидерите, на саемот, беа пречекани и остварија средба со потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани и претседателот на италијанскиот регион Венето, Лука Заја, со кои заедно беа во обиколка на саемот, пришто ги посетија халите и штандовите на регионите Венето и Лацио, како и заедничкиот штанд на земјите од Отворен Балкан.
На заедничкиот штанд „Wine vision by Open Balkan“ на саемот „Винитали“, беа презентирани најквалитетните вина од Северна Македонија, Србија и Албанија, а на саемот беа присутни и сомелиерите од овие земји. На штандот присуствуваа и двајцата премиери на Северна Македонија и Албанија, Ковачевски и Рама, како и претседателот на Србија, Вучиќ, заедно со нивните домаќини од Италија.
Се потенцираше дека Северна Македонија, Србија и Албанија имаат огромни потенцијали посебно во рамките на иницијативата Отворен Балкан, со кои можат да се истакнат и да го најдат своето место на светските пазари, за што можат да сметаат на поддршката од Италија во нивните напори за промоција надвор од регионот.
Беше нагласена потребата за унапредување на соработката на регионот Венето со трите земји од регионалната иницијатива Отворен Балкан, како и можностите за взаемна соработка во различни сфери со секоја од земјите.
Премиерите на Северна Македонија и Албанија, Ковачевски и Рама и претседателот на Србија, Вучиќ се заблагодарија на потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани и претседателот на италијанскиот регион Венето, Лука Заја за поддршката на трите земји на патот кон евроинтеграциите.
Република Северна Македонија на овогодинешниот Саем на вино во Верона учествува со над 60 видови од нашето најквалитетно македонско вино и присуство на 14 македонски винарии, како и тројца врвни сомелиери.
Саемот претставува собир на домашните и меѓународните производители на вино од целиот свет кои сакаат да се претстават на една од најпрестижните светски саемски манифестации посветени на виното и негувањето на винската култура.
Саемот воедно ќе биде можност и за увозниците и дистрибутерите на вино да ги запознаат и да остварат соработка со врвни италијански и меѓународни производители на вино, а за љубителите на виното е осмислена и четиридневна манифестација „Vinitaly and the City” во текот на која, на историски локации ширум Верона ќе може да се дегустира и зборува за виното.
Оваа година се очекува рекорден број на учесници на саемот.