Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Скопје ги пречека и имаше средба со високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, на која било разговарано за важноста од следниот исчекор на Република Северна Македонија во европските интеграции, како прашање од значење за перспективите на нашата држава и за стабилноста на регионот и на Европа.
Ковачевски, како што информираат од владината прес-служба, се заблагодарил на високите европски претставници, за нивниот придонес, како и на европските партнери, за заедничкиот успех во отворањето на преговорите на Сeверна Македонија со Унијата, лани во јули.
Владата на Република Северна Македонија, како што нагласи премиерот Ковачевски, е фокусирана на европската агенда, работи на имплементацијата на реформите, на унапредувањето на соседските односи во духот на европските вредности и е посветена на успех и во следниот исчекор во евроинтеграциите.
Средбата на премиерот со европските преставници се реализираше пред почетокот на Шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, што ќе се одржи денеска во Скопје, на којшто претседавач ќе биде претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, а ко-претседавач од страната на Европската Унија, високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Борел, а ќе присуствува и комесарот за соседска политика и проширување, Вархеји.