Ковачевски: Дијалогот е единствен рецепт за решавање на предизвиците

Тоа што разговорите се одржуват во Охрид и пред се во Република Северна Македонија има своја симболика. Причината за тоа е што Северна Македонија во моментов е фактор на стабилност на Балканот и тоа што ние сме држава која што е членка на НАТО и држава која што ги отпочна преговорите со ЕУ, рече претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во изјавата дадена за српските медиуми во Охрид.

– Тоа не беше лесен пат за нас, бидејќи на тој пат ние донесовме тешки одлуки тргнувајќи од Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, усвојувањето на преговарачката рамка со ЕУ, меѓутоа покажавме дека со договор, со дипломатија единствено може да се постигне решение за напредок во државата. И веруваме дека тоа е единствениот рецепт и единствениот начин целиот регион низ дијалог и низ разговор да ги реши предизвиците кои што ги имаат државите помеѓу себе и сите заедно еден ден да станеме земји членки на НАТО и на ЕУ, рече Ковачевски.

Притоа, како што истакна премиерот, кога вели нашите граѓани не мисли само на граѓаните на Северна Македонија, туку на граѓаните на сите држави на Западен Балкан.

– Сите тие заслужуваат да живеат во ЕУ, сакаат да живеат во ЕУ. Заслужуваат да имаат европски плати, заслужуваат да имаат европски стандард и заслужуваат да имаат европски институции, но тоа да го имаат дома во своите држави, а не да одат да работат во земји коишто се во туѓина, во земји на ЕУ. И затоа велам дека ќе направам се’ овој регион да биде дел од ЕУ бидејќи и политички и цивилизациски и културно и географски ние припаѓаме на ЕУ, истакна премиерот.