Премиерот Димитар Ковачевски вечерва го поздрави постигнувањето на договорот за анексот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија постигнат во вилата „Билјана“ во Охрид, потенцирајќи дека станува збор за значајно постигнување и дека мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ.
– Ја поздравувам согласноста постигната денеска за имплементација на договорот за патоказот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија кој ќе биде интегрален и обврзувачки дел на европскиот пат за двете страни. Сметам дека денешната согласност за имплементацијата на анексот на договорот вклучително и согласноста за целосна имплементација на обврските од претходните договори од дијалогот е значајно постигнување. Мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ, рече во кусото обраќање премиерот Ковачевски.
Премиерот нагласи дека е горд и среќен што во името на нашите граѓани, со неговиот тим беше домаќин на овој важен преговарачки процес под покровителство на ЕУ, а со поддршка на САД, со што се потврдила неговата лична заложба дека Западниот Балкан припаѓа на ЕУ.
– Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и на премиерот Курти за нивната храброст и визионерство и да им посакам напредок и успех на сите граѓани на Косово и на Србија на нивниот пат кон ЕУ. Северна Македонија секогаш ќе биде пријател на сите земји од соседството и ќе продолжиме на патот на европските интеграции и на стратешкиот дијалог со САД, истакна премиерот Ковачевски.
Во вилата „Билјана“ во Охрид по долги 12 часа преговори меѓу високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, специјалниот претставник Лајчак и српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, како што беше објавено беше постигнат договор за анексот за имплементација на договорот помеѓу двете земји за норнмализирање на нивните односи.