Исходот од декемврискиот самит на ЕУ зависи само од нас, односно од тоа дали опозцијата во земјава ќе се надмине себе си во однос на усвојувањето на уставните измени што се наша обврска и услов за отворање на поглавјата во преговорите, вели премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој е во посета на земјава.
-Декемврискиот Самит ќе покаже дека тоа што ќе се случи на него зависи од нас. Односно, доколку ние ја донесеме одлуката која што ја имаме како обврска во однос на вклучувањето на делови од други народи во Преамбулата на нашиот Устав, тогаш и одлуката на декемврискиот Самит ќе биде позитивна и Северна Македонија ќе ги отвори поглавјата. И затоа велам дека сега зависи од нас, бидејќи ЕУ ги исполни своите обврски во однос на одржување на Првата меѓувладина конференција, во однос на одржување на првата меѓувладина конференција на македонски јазик, за потпишување на договорот Фронтекс на македонски јазик со сите други јазици на ЕУ одобрени од сите земји членки на ЕУ што не беше никогаш претходно случај. Тие ги исполнија своите обврски, наведени во преговарачката рамка, останува ние да ја исполниме нашата обврска, вели Ковачевски на новинарско прашање за очекувањата од декемврскиот самит на ЕУ.
Тој при тоа посочи, како што вели, на уште еден аспект на Декемврискиот Самит, а тоа е, рече, ставот на опозцијата во однос на уставните измени.
-Каков ќе биде тој, не само што зависи од нас, туку ќе се покаже и на кој начин зависи од секој од нас. Дали оние коишто секогаш биле против интегрирање на земјата во НАТО и во ЕУ, овојпат ќе се надминат себеси. Доколку се надминат себеси на декемврискиот Самит ќе имаме одлука со која што Северна Македонија ќе ги отвори поглавјата за пристапување кон ЕУ. Доколку не се надминат себеси, тогаш ќе ја гледаме репризата на 11-те самити на НАТО, и на 11 Самити на ЕУ додека тие беа на власт, кога не се случуваше никаква одлука, ниту еден милиметар напред во евроинтеграциите. Ќе имаме ситуација во која што само Никола Груевски е заменет со Христијан Мицкоски, еден претседател заменет со друг со ист пристап во политиката, оцени Ковачевски.
Прашан за придобивките од Планот за раст на ЗБ на ЕК, Ковачевски истакна дека се работи за исклучително важен план којшто, вели и ние го баравме од ЕУ, а со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат бенефити и придобивки од ЕУ уште пред полноправното членство.
-Овој план практично нуди 6 милијарди евра финансиски средства за земјите од Западен Балкан, 2 милијарди се грант, 4 милијарди се поволни кредити, гарантирани од самата ЕУ, со каматни стапки на многу пониско ниво. И што истите ќе бидат поврзани со реформи, во државите, коишто се кандидатки за членство во ЕУ, и дополнително ќе бидат наменети за проекти кои ја зголемуваат економската и политичката соработка помеѓу државите од ЗБ. На тој начин преку инвестиција во вакви реформи, во вакви проекти, на годишно ниво, заради зголемената соработката на регионот и зголемената соработка со заедничкиот европски пазар, ќе може да влијае позитивно за 10 проценти на БДП, односно на економиите на регионот што за 10 години значи дуплирање на големината на економиите на земјите од ЗБ. Значи се работи за План којшто нуди позитивни ефекти на економијата, на животниот стандард на граѓаните, и на работењето на компаниите. Се разбира дека од друга страна дава и обврска за реформи на сите полиња во унапредувањето на општеството, на нашата змеја меѓутоа и на сите други земји во регионот, нагласи премиерот Ковачевски.